1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднострано разграничување?

24 мај 2006

Американскиот претседател Џорџ Буш на средбата со израелскиот премиер Ехуд Олмерт во Вашингтон сигнализираше само воздржана согласност со израелските планови

https://p.dw.com/p/Ae1U
Олмерт и Буш
Олмерт и БушФотографија: AP

Израел сака на палестинската влада да и одреди рок до крајот на годината за да го признае неговото право на постоење и да престане со насилството. Во спротивно,Израел ќе ги продолжи плановите за еднострано подигање граница на Западниот брег до 2010 година.

Американскиот претседател Џорџ Буш на средбата со израелскиот премиер Ехуд Олмерт во Вашингтон сигнализираше само воздржана согласност со израелските планови.

Предност мора да има решението преку преговори со Палестинците,изјави Буш.Олмерт планира повлекување на еврејските населби од делови на Западниот брег.Најголемите населби со околу 200 илјади жители во секој случај треба да останат со Израел.

За првпат застанаа еден наспроти друг во 1998 година,Ехуд Олмерт тогаш како градоначалник на Ерусалим и Џорџ Буш,тогаш гувернер на Тексас.Тогаш не мораа да размислуваат за мировниот процес на Блискиот исток.Сега,при првата посета на израелскиот премиер Олмерт на Белата куќа,беше сосема поинаку.Мировниот план во моментов е само парче хартија.Преговорите се замрзнати откако исламистичкиот Хамас победи на изборите во палестинските области.Премиерот Олмерт,барем вербално,покажува подготвеност за преговарање:

-Ќе бидат исцрпени сите можности за да се дојде до мир,ја подавам својата рака во мир кон Махмуд Абас,рече Олмерт.

Но,токму тука почнуваат проблемите.Палестинскиот претседател Махмуд Абас имено не припаѓа кон Хамас,организација која САД официјално ја сметаат за терористичка,а која не го признава правото на Израел на постоење.Израел притиска на темпо,Буш пак на преговори:

-Сите договори околу изгледот на двете држави,Израел и Палестина,можат да бидат донесени само со обострани решенија,рече Буш.

Стари позиции,без нови одлуки при посетата на Олмерт на Белата куќа.Но,израелскиот премиер во Белата куќа отпатува со план Б.Што да се направи ако Палестинците долгорочно се покажат како недоверлив партнер за преговори?

Олмерт рече дека не може вечно да чека,не може да биде заложник на една терористичка организација како Хамас,која не нуди никаков дијалог:

Планот на Олмерт:еднострано повлекување на Израел од окупираните територии,разградување населби,еднострано повлекување граница вклучувајќи ја и оградата кон палестинските области.

Буш и натаму се двоуми:

-Плановите на Олмерт би ги нарекол храбри идеи,кои можат да водат кон решение,ако пропаднат сите други опции.

На дневен ред на средбата меѓу Буш и Олмерт стоеше и темата Иран,Буш потенцираше дека Техеран не смее да поседува атомско оружје.Ова е момент на вистина,изјави Олмерт,кој од устата на американскиот претседател уште еднаш го чу уверувањето дека САД се најдобар сојузник на Израел,кој ќе му притекне напомош во случај на напад врз Израел.

Дали тоа значи воена помош,дали тоа значи противудар кон Иран,чиј претседател Махмуд Ахмадинеџад сака Израел да го снема од географската карта,праша еден репортер.Претседателот Буш одговори-целта е мирно,дипломатско решение на атомскиот конфликт со Иран.