1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еквадор ја жртвува прашумата заради Кина

Клариса Нехес. Надиа Понтеш/ Симе Недевски25 септември 2013

Шумата и животот во неа во националниот парк Јасуни во Еквадор требаше да бидат спасени. Овој проект пропадна, а главниот виновник е, како што изгледа- Пекинг, заедно со властите во Китo.

https://p.dw.com/p/19nY8
Фотографија: AP

Виновникот што во националниот парк Јасуни во шумите на Амазонија сепак ќе дојде до црпење нафта не е меѓународната заедница или недостатокот парични средства кои таа требаше да ги стави на располагање на властите во Еквадор. Според мислењето на невладините организации и здруженија за заштита на средината, виновник е- Пекинг. Како што се наведува, кинеските компании успеале да извршат доволно силен притисок на еквадорската влада да го зголеми црпењето нафта.

„Одлуката на еквадорскиот претседател Рафаел Кореа е одговор на меѓународниот притисок. Не под притисок на прашањето за спасување на Јасуни, туку под притисок кој стигнува од Кина. А него можеме да го вратиме само со наша нафта. Во тоа е проблемот и всушност за тоа се работи“, вели Хорхе Еспиноза од еквадорската организација за заштита на животната средина „Аксион Екологика“. Со него се согласува и поранешниот министер за енергетски прашања Алберто Акоста. „Една од причините зошто нашата влада ја донесе оваа одлука е зголемената побарувачка од земјите како што е Кина која има ненаситен глад за нафта и прехрамбени производи. Може да се кажа дека оваа одлука е донесена поради финансиски причини. Иако нафтата, имено, ќе тече како што треба дури за 3 или 4 години, веќе сега оваа идна заработувачка може да се користи како гаранција за кредити“, објаснува Акоста кој воедно е и еден од основачите на иницијативата за спас за Јасуни.

Yasuni Projekt Ecuador Öl Zwischenlager
Фотографија: Patricio Luna

20 милијарди долари долг

Членовите на еквадорската влада не сакаа да одговорат на прашањето на ДВ. Но факт е дека Еквадор е зависен, односно, упатен на кредити и инвестиции од Кина. Откога во 2008. година истече мораториумот на исплата на долгови, оваа земја е исклучена од меѓународните пазари на капитал и со самото тоа не добива кредити од Светска банка и ММФ. А сумата која Еквадор во меѓувреме и ја должи на Кина изнесува околу 20 милијарди долари.

Затоа во јуни годинава претседателот на Еквадор Рафаел Кореа направи со Кина историски договор со неверојатен обем. Како што јавува дневниот весник „Ел Комесарио“, кинескиот државен нафтен гигант ЦНПЦ ќе инвестира околу 12,5 милијарди долари во модернизација и обнова на еквадорските рафинерии.

Тесната поврзаност на Кина и Еквадор започна во 2007. година- тогаш на власт дојде токму Кореа. Уште тогаш, како и денес, Кинезите беа во потрага по нови извори на енергија. Во тоа време Еквадор продаде и една третина од својата нафта на САД. А според проценките, денес веројатно повеќе од половината од еквадорската нафта оди за Кина- тенденцијата расте.

„Кинеските инвестиции во Латинска Америка растат со вртоглава брзина. Односот на овие земји кон Кина е потполно понизен“, вели Филип Фернсајд, научник од Националниот истражувачки институт на Амазон во Бразил. Со самото тоа, додава тој, Кина во целиот регион би можела да започне работа на слични, за животната средина многу штетни, проекти.

Сепак Кинезите не се единствени виновници

Ecuador Lago Agrio Umweltverschmutzung Chevron Öl
Фотографија: AP

Активистите сепак не ја префрлаат целата одговорност само на Кинезите, туку и на владата во Кито. „Имаше план А според кој нафтата требаше да остане таму каде што е- во земјата. Но постоеше и план Б. Тој предвидуваше црпење нафта во Јасуни доколку земјата веќе не би имала на располагање доволно пари“, вели Вероника Ариас од невладината организација Центар за права на природата и средината.

Меѓутоа овој план Б меѓународната заедница го оцени како уцена и токму овој план го избра власта во Еквадор. Имено, наместо очекуваните 3,6 милијарди долари, кои беа очекувани од Европа за заштита на овој природен резерват, стигнаа само 13 милиони долари. „Светот не остави на цедило“, изјави тогаш Кореа и објави дека не му преостанува ништо друго освен да го одобри почетокот на дупчење со цел црпење нафта- со што проектот за заштита на Јасуни, може да се каже, пропадна.

Соработниците на организациите за заштита на природата како и припадниците на индигените народи кои живеат во оваа област сѐ уште не сакаат да се откажат. Собираат потписи со надеж дека владата во земјата мора да распише референдум. Но изгледа оти работата е решена. Одлуката на претседатело мора да ја потврди уште и Нацаионалниот конгрес, но мнозинскиот дел членови на конгресот се од партијата на претседателот.

l