1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

060709 G8 Gipfel Vorschau

8 јули 2009

Италијанскиот град Л’Аквила, на почетокот на април разурнат од силен земјотрес, од денеска до петок ќе им биде домаќин на лидерите на водечките земји во светот, како и на земјите во подем.

https://p.dw.com/p/IjQL
Логото на Г8 - 2009Фотографија: AP

Борбата против последиците од светската економска криза е најважна тема на самитот. Германскиот канцелар Ангела Меркел ќе врши притисок за брзо спроведување на договореното на светскиот финансиски самит на почетокот на април во Лондон. „Забележуваме дека банките во моментов, во кој чувствуваат одредено опоравување, веднаш покажуваат одбранбени рефлекси против спроведување на натамошно регулирање. Ние ќе опстојуваме врз тоа, навистина да добиеме нов устав за меѓународните финансиски пазари, за никогаш повеќе да не се повтори ваква криза“.

Како да се совлада кризата?

Ангела Меркел во владината изјава во врска со самитот на Г8, минатата недела во Бундестагот повторно агитираше принципите на социјалното пазарно стопанство да бидат воведени ширум светот. На самитот ќе се разговара за тоа, како понатаму, по совладувањето на актуелната криза: кога и како ќе бидат повлечени од оптег гигантските суми пари, што беа уфрлени за стабилизација на пазарите? Што понатаму со многуте сопственички удели на државите во поединечни фирми? Каков ќе е идниот однос меѓу Г8 и Г20? Оти, се’ појасно е дека Г8 веќе не е вистинскиот формат за решавање на глобалните прашања.

Затоа, во Л’Аквила повторно ќе бидат присутни и лидерите на земјите во подем - Кина, Индија, Бразил, Мексико и Јужноафриканската Република. Редовната меѓусебна размена на мислења со овие земји беше договорена на самитот на Г8 пред две години во Германија.

Ако сега не се промени ништо за климата, тогаш кога?

Натамошна топ-тема на претстојниот самит е борбата против промените на климата. Спроти конференцијата на ОН за климата во Копенхаген кон крајот на годинава, Г8 мора јасно да се определи за ограничување на порастот на просечната температура во светот за 2 степена до 2050 година. „Во Хајлигендам бевме радосни кога беше утврдено дека сакаме сериозно да разгледаме дали е можно до 2050 да се постигне преполовување на испуштањето јаглерод диоксид. Во Л’Аквила ќе формулираме јасна определба дека температурата во светот не смее да се повиши за повеќе од два степена“, вели Ангела Меркел.

Ваков чекор е минимумот што мора да биде постигнат на самитот, вели Тобијас Минхмајер од еколошката организација Гринпис. „Уште сме далеку од постигнување согласност, а надежите ни се потпираат врз фактот дека за првпат шефовите на влади на водечките индустриски земји, вклучително претседателот на САД, се собираат за да разговараат за промените на климата. Ако таму ништо не се помести, мора да се постави прашањето: тогаш кога?“

Какви се последиците од кризата врз земјтие во развој?

Во Л’Аквила ќе има и средба на Мејџр економикс форум, составен од Г8 плус земјите во подем, плус Индонезија, Јужна Кореја и Австралија, кој е иницијатива на американскиот претседател Обама. Таму ќе се расправа за последиците од кризата врз земјите во развој. Со оглед на гигантските долгови кои сега ги натрупаа богатите земји, многумина страхуваат дека ќе се штеди кај развојната помош. Надежи и овде се врзуваат за американскиот претседател, дека САД ќе бидат моторот за помош, дека ќе предничат.

Г8 ќе се занимава и со актуелните кризни жаришта на светов - ќе се разговара за можни санкции против Иран, и за натамошното однесување кон севернокорејскиот режим.

Се претпоставува дека од земјотресот разурнатата Л’Аквила нема да биде арена на протести на противниците на Г8, туку големи демонстрации се очекуваат во 100-ина километри оддалечениот главен град Рим.

Автор: Хенрик Беме / Зоран Јордановски

Редактрор: Александра Трајковска