1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата ќе ја поттисне политиката во Србија во 2012-та

29 декември 2011

Европските интеграции, Косово и обидите за предвремени избори ја одбележаа 2011-та година, а судејќи по се’ ќе ја одбележат и следната година. Дали економската криза до некаде ќе ги поттисне политичките прашања?

https://p.dw.com/p/13apk
Србија економски оди надолуФотографија: AP

Економската криза, Косово и европските интеграции на Србија ја одбележаа минатата година според мислењето на политичкиот аналитичар Милан Николиќ. На сите три плана се забележани извесни осцилации, па и разочарувања, оценува Николиќ за Дојче веле.

Serben Kosovo Mitrovia Schild Serbische Stadt
Експертите оценуваат дека во 2012-та ќе останат разочарани оние што се надевале на поделба на КосовоФотографија: picture alliance/dpa

„Суштината на работите е дека економски одиме надолу, тоа е сосема сигурно. Веројатно вториот бран на кризата ќе не удри во 2012-та, а во 2013-та ќе биде дното. Што се однесува до европските интеграции, мислам дека работите тргнаа да се решаваат позитивно и дека веројатно ќе биде добиена кандидатурата во март, што веројатно ќе и донесе и победа на владеачката коалиција на следните избори. Што се однесува до Косово, мислам дека оние што имале идеја северот од Косово евентуално да се отцепи, или да добие некој вид на двоен статус, веројатно ќе се соочат со тврдата реалност дека северот на Косово може да добие само висок степен на автономија“, оценува политичкиот аналитичар Милан Николиќ.

Избори, Косово, ЕУ

Годината зад нас ја одбележаа константни обиди на опозицијата да се издејствуваат вонредни парламентарни избори, истакнува за Дојче веле социологот Владимир Вулетиќ. Тие обиди завршија со фијаско, по штрајкот со глад на лидерот на Српската напредна партија Томислав Николиќ. Вулетиќ како клучен тренд ги наведува обидите во текот на годините да се добие кандидатура за ЕУ, како и проблемите на Косово.

EU nein Danke
Српските политичари во 2012-та ќе се занимаваат со незадоволителниот животен стандард на граѓанитеФотографија: DW

„Претпоставувам дека значењето на сите тие три случувања надминува едногодишна рамка, поради тоа што тие ќе продолжат, на овој или оној начин и во наредната година. Следната година на некој начин ќе биде продолжение на овие случувања, кои ја одбележаа 2011-та година“, оценува Вулетиќ.

Социологот истакнува дека за првпат во повеќепартиската историја на Србија ќе има редовни избори, што претставува знак за консолидирање на демократијата во Србија.

„Што се однесува до изборите, тука сега може да се очекува дека предизборната кампања ќе биде многу остра, многу жива и прашање е колку на крајот на краиштата ќе биде коректна“, оценува социологот Вулетиќ.

Политичките прашања секако нема да загубат на значење и во текот на наредната година, смета Вулетиќ, но политичарите пред се’ ќе се занимаваат повеќе со економија и со незадоволителниот животен стандард на граѓаните на Србија.

Млаѓан Динкиќ и ЕУ

Две работи кои ја одбележаа 2011-та година се повлекувањето на Млаѓан Динкиќ од српската влада и европските интеграции на Србија, оценува за Дојче веле Ѓорѓе Вуковиќ од Центарот за слободни избори и демократија.

EU nein Danke
Постер со ликот на Шешељ залепен во ноември годинава со кој Српската национална партија се противи на влезот во ЕУФотографија: DW

„Кога станува збор за Динкиќ, тука просто станува збор за нешто што трае веќе долго време и тука двете страни беа незадоволни. Едните со тоа што попуштаат, а другите со тоа што го добиле и тоа на некој начин требаше да се реши. Барем за сега тактиката и на едната и на другата страна се покажа како успешна, но ќе видиме што ќе биде на крајот – едните мислат дека победиле, додека другите мислат дека себе си направиле подобра позиција пред следните избори. Што се однесува до одложувањето на кандидатурата за ЕУ, тоа само по себе не е добар сигнал, но тоа не мора дури ниту да биде нешто лошо за владејачката коалиција и пред се’ за демократската партија. Многу лесно може да се случи тоа да се добие на полетокот од 2012-та година, што на нив може добро да им дојде за изборната кампања“, вели Вуковиќ.

Тој смета дека изборите нема да донесат некои големи политички промени или спектакуларни промени на политичкиот курс. Во политичкиот живот нема да има некои големи изненадувања, бидејќи политичките партии се добро познати и етаблирани меѓу гласачкото тело, и тука веројатно ништо значајно нема да се промени во следните години, оценува експертот од Центарот за слободни избори и демократија.

Автор: Ивица Петровиќ / Александар Методијев

Редактор: Борис Георгиевски