1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините Охрид и Тетово рекордери по задолженост

Александар Манасиев
19 февруари 2021

Долгот на општина Тетово достигна 9,8 милиони евра или една третина од годинешниот буџет со што стана најзадолжена македонска општина, а по глава на жител најголем долг има општина Охрид од 123 евра по жител.

https://p.dw.com/p/3pamm
Eine grosse Truhe mit Euro Banknoten
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/McPhoto

Пандемијата со коронавирусот дополнително ги испразни касите на десетина македонски општини зголемувајќи ја нивната зависност од пари што се префрлаат од централната власт. Општините Тетово и Гостивар вртоглаво ги зголемија долговите за само 12 месеци искачувајќи се на врвот на најзадолжени единици на локална самоуправа.

Долгот на општина Тетово достигна 9,8 милиони евра што е една третина од буџетот на оваа општина. Ако до пред две години Охрид беше најзадолжена општина, сега приматот го презеде Тетово. Сепак, по глава на жител најголем долг се уште има општина Охрид со 123 евра по жител.

Во време на пандемија, најголем дел од општините имаат значително помали сопствени приходи од даноци и други давачки. Со ова порасна потребата за дополнително државно финансирање за единиците на локална самоуправа да ја пребродат кризата.

Па така, општина Тетово пред кризата (декември 2019) имаше долг од 7,2 милиони евра за да на крајот на 2020 година да достигне 9,8 милиони евра. Во истиот период од само 12 месеци, општина Гостивар има вртоглав пораст на долгот од 1,1 милион евра на 3,5 милиони евра. Дека не се штедело во овој период покажуваат јавните набавки. Општина Гостивар потрошила дури 460.000 евра на привремени вработувања и дополнителни 640.000 евра за превоз на ученици во 2020 година.

Во минатата година долгот пораснал и кај општините Карпош, Струга, Делчево, Гази Баба, Студеничани и други. Од оние на листата најзадолжени општини, помал долг во време на пандемијата имаат само општините Охрид и Кичево. 

-ИНФОГРАФИК: Долгот на општините пред и по пандемијата

Според Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи, пандемијата ја зголемила зависноста на општините од парите што се префрлаат од централната власт. Вели дека ова е проблем бидејќи оние општини кои се финансиски зависни од централната власт имаат помал простор за одлучување за градење локални политики.

„Целта на децентрализацијата е да се откријат локалните преференции на граѓаните. Тие локални преференции се очекувања за некои приоритети кои треба да се задоволат за граѓаните“, вели тој додавајќи дека кога општината нема пари и е зависна од централната власт тогаш истата власт ги диктира приоритетите.

Но приоритетите на централната власт може да се разликуваат од потребите на граѓаните на локално ниво.

„На пример, ако во некоја општина поголем приоритет е животната средина или квалитетот на локални патишта, а централната власт преферира градење на водовод тоа само по себе не е лошо туку доаѓа до разидување на приоритетите на граѓаните во некои единици на локална самоуправа“, објаснува Николов.

Функционираат и со блокирани сметки

Во меѓувреме, единаесет од вкупно 81 општина во земјава со години функционираат со блокирани сметки поради натрупани долгови. Во моментов, блокирани сметки имаат општините Струга, Охрид, Карпош, Тетово, Сопиште, Зрновци, Ресен, Делчево, Пехчево, Градско и Кривогаштани. Што значи блокирана сметка и кога може тоа да се случи? Одговорот е едноставен, неретко се случува кога единиците на локална самоуправа, на пример,  ангажираат фирми да изведуваат градежни или други работи, а потоа не можат да ги платат обврските. Таквите долгови често се натрупуваат па општините не можејќи да ги подмират обврските мора да функционираат со блокирана сметка и со месечен лимит за трошење што им го одредува судот.

Сепак, според Законот, општината чија сметка е блокирана повеќе од шест месеци мора да прогласи финансиска нестабилност, или во спротивно следуваат казни од 5.000 до 10.000 евра. 

-претходни анализи од авторот: Апсурди со трошењето народни пари: Има за лимузини, нема за амбулантни и пожарни возила

Ниту еден од градоначалниците не го испочитувал законот, но не ја добил ниту предвидената казна бидејќи од Министерството за финансии не покренуваат иницијатива за тоа. Напротив, наместо да бидат казнети, општините добиваат финансиска инјекција од државниот буџет.

Здружението „Медиа плус“ подолго време ги следи проблемите со натрупаните долгови на општините. Велат дека финансиската нестабилност е воведување на „принудна управа“ во општините.

„Ниту една општина нема пријавено финансиска нестабилност, како што предвидува законот, ниту пак реагирало Министерството за финансии. Градоначалникот сам треба да алармира во Министерството за финансии. Потоа се формира комисија која управува со нејзиното финансиско работење, составена од по еден член од министерствата за финансии и за локална самоуправа, ЗЕЛС, градоначалникот и од Советот на општината. Но, извршните одлуки се на членовите на министерствата“, објаснуваат од ова здружение.

Додаваат дека општината треба да работи според определен финансиски лимит определен од Основниот суд.

„Тоа значи ограничување на сите плаќања, трошења и одливи од општинските сметки, односно обезбедување на средства за основното работење на општината“, велат од „Медиа плус“. 

Mazedonien Proteste gegen die Luftverschmutzung in Tetovo
Општина Тетово пред кризата (декември 2019) имаше долг од 7,2 милиони евра за да на крајот на 2020 година да достигне 9,8 милиони евраФотографија: DW/S. Toevski

Долговите се покриваат од централниот буџет

Добар дел од долговите што ги прават општините постојано се покриваат од централниот буџет, а најголем ваков финансиски прилив имало во 2018 година. Од Министерството за локална самоуправа ни одговорија дека во 2018 година бил донесен Законот за финансиска поддршка на ЕЛС за финансирање на неплатени, а доспеани обврски заклучно со месец септември 2018 година.

„Истата година на сите општини им беа санирани пријавените долгови во износ од 51 %, или во вкупен износ од 3.032.383.086 денари (49 милиони евра н.з.), што претставуваше значителна финансиска поддршка на општините во решавањето на финансиските проблеми предизвикани од наталожените долгови во период од над една деценија. Во 2005 година, кога започна спроведувањето на процесот на децентрализација само општина Велес немаше евидентирани долгови, имаше општини со незначителни долгови, но и тогаш една од најзадолжените урбани општини беше општина Охрид, а од руралните, најзадолжена беше општина Студеничани“, велат од министерството.

Тежок удар за општините беше и пандемијата па така кон крајот на 2020 година Владата издвои 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини.

„Парите се одобрени за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна и канализациона мрежа, за реконструкција и изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи и за други проекти“, велат од Владата.

Ова, според експертите, може да се нарече државно спонзорирана финансиска нестабилност бидејќи безмалку секоја година Владата префрла пари на оние општини кои се презадолжени. 

-претходни анализи од авторот: Истражување: Додека владата ги укинува, привремените вработувања се множат

Според Николов, градоначалниците се потпираат на судски одлуки за да се бајпасира активирање на одредбите за финансиската нестабилност на општините.

„За жал единиците на локална самоуправа наоѓаат правни лекови преку судовите за да не прогласат финансиска нестабилност за да профункционира законот во полна сила. Доколку се следат одредбите од законот би имало поголема транспарентност, отчетност, помалку корупција и имплицитно би се казнувале градоначалници кои работеле неодговорно“, објаснува Николов.

Од „Медиа плус“ ги истражувале општинските трошења од 2012 до локалните избори во 2017 година. Во тоа време имало 20 општини со блокирани сметки, денес таа бројка е 11. Тоа значи дека девет општини успеале да ги пребродат финансиските проблеми.

Од „Медиа плус“ велат дека парите обезбедени од државниот буџет за раздолжување им го олеснило работењето на општините, а голем дел успеале да се одблокираат.

„Но, навиките на раководење остануваат. Илустративен е примерот со Струга, каде две третини од долгот го имаат кон приватна фирма, со која имаат два договори за јавно приватно партнерство. Во исто време, и покрај задолженоста, општината набави луксузно возило што го користи градоначалникот“, прашуваат од ова здружение.

Додаваат дека има поголем ангажман на актуелната Влада во обезбедување проекти за општините и буџети од други извори, но во основа проблемите остануваат.

Алармираше и Државниот завод за ревизија

Во меѓувреме, општините кои имаат блокирани сметки „живуркаат“ од месец за месец со минимален буџет односно таканаречен судски лимит. Во таква ситуација пари најчесто има доволно да се плати администрацијата и тековните трошоци за струја, вода и слично. За капитални проекти, за јавниот транспорт, за пожарните и амбулантните возила се чека на донации од странство или пак на ново задолжување преку кредити.

Типичен пример е општина Охрид чија сметка е блокирана од 2005 година. До денес општинската администрација која раководи со градот заштитен од УНЕСКО не прогласила финансиска нестабилност и функционира од месец за месец со одреден судски лимит од 50 милиони денари.

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Сметката на Општина Охрид е блокирана од 2005 годинаФотографија: DW/K. Delimitov

Министерството за финансии кое е надлежно да ги спроведе казнените одредби од Законот одби да одговори зошто досега во ниту еден случај не покренало постапка за казнување на градоначалниците. Ги премолчеа прашањата кои ги испративме два месеци пред објавата на овој текст.

За овој проблем алармираше и Државниот завод за ревизија во последниот извештај за Основниот буџет на РСМ каде утврди дека ниту една од општините не го почитувала законот и не прогласила финансиска нестабилност упатувајќи токму на казните.

Од општина Охрид објаснуваат дека нивната сметка е блокирана од долгови настанати во времето на 90-тите години кои се провлекуваат и денес.

„Тоа настанало како по основ на извршени услуги и изведени работи така и по основ на извршни решенија за експропријација на земјиште и сл. Кулминација на ваквата состојба беше и дополнителната блокада од Министерството за финансии, спор во кој Владата се јавува како гарант за активности во делот на колекторскиот систем на општините Охрид и Струга, средства обезбедени од германската банка за развој“, велат во општината.

Вкупниот долг по сите основи во 2017 година изнесувал 25 милиони евра, додека денес вкупниот долг е 6,9 милиони евра.

„Последниве три години водиме активна политика за разрешување на наследениот проблем со презадолженоста по пат на Јавни повици за пријавување на доверителите со цел спогодбено утврдување на долгот односно намалување. И покрај обидите за деблокада на сметката во изминатите години општинската сметка и натаму е блокирана, а општината функционира со судски лимит во висина на неопходните трошоци на месечно ниво.“, објаснуваат од Секторот за односи со јавност на општина Охрид. 

-претходни анализи од авторот: Коронавирусот ја зарази и економијата: Еврообврзницата ќе се премостува со краткорочни кредити

Сепак, ако се провери сајтот за јавни набавки ќе се забележи дека за три години оваа општина потрошила 250.000 евра само на услуги за привремени вработувања нешто што и од Европската комисија беше посочувано како спорен и дискутабилен начин на вработување главно на партиски кадри.

Во меѓувреме од општина Охрид се задоволни од одлуките на Владата во врска со Законот за финансиска поддршка како и најавите за зголемување на одредени групи на приходи во корист на локалната самоуправа, но сметаат дека тоа ќе биде залудно, ако започнатиот процес на раздолжување на општините не биде во целост завршен.

За тоа зошто градоначалникот не прогласил финансиска нестабилност велат дека постапката е дефинирана со Закон и доколку се исполнети одредбите од тој закон во моментот кога била блокирана општината требало истите да се почитуваат.

„Блокирањето на сметката на општината настанала во 2005 година и не би можеле сега да одговориме на ова прашање.“, кусо прокоментираа од општинската администрација.

Од општина Охрид планираат да го решат проблемот со блокираната сметка со долгорочен заем кој ќе биде наменски за враќање на старите долгови.

„Постапката е во тек и според нашите анализи ќе заврши во втората половина на 2021 година кога конечно очекуваме општина Охрид да биде со деблокирана сметка.“, кусо одговараат од општината.

Според претседателот на Центарот за економски анализи, Николов состојбата со блокираните општински сметки може да се надмине со активирање на одредбите од законот за финансирање на ЕЛС преку прогласување на финансиска нестабилност.

Општините Охрид и Тетово рекордери по задолженост

Тој препорачува судовите да не одлучуваат во овие случаи каде општините имаат блокирана сметка.

„Треба да се прекине со неуставната пракса судот да одлучува и да биде замена за спроведување на законот за финансирање на единиците на локална самоуправа“, вели Николов. 

Карпош стимулира градење за да намали долгови

Скопската општина Карпош се дави во долгови веќе две децении. Во времето кога градоначалник беше Стевче Јакимовски долгот достигнал до 18 милиони евра. Оваа општина за разлика од Охрид, има блокирана сметка од „поново“ време и тоа од октомври 2018 година.

Актуелниот градоначалник Стефан Богоев, вели дека ги намалуваат трошоците за да го намалат долгот.

„Прилично се скратени непродуктивните трошоци. Ги укинавме скапите прослави за Денот на општината, кога се носеа пејачи од странство, како и големите трошоци за патувања и репрезентација. Одредени проекти кои претставуваат симбол на Карпош и понатаму се спроведуваат, но со намалени буџети“, вели Богоев.

На прашањето зошто не прогласил финансиска нестабилност тој одговори:

„Општина Карпош работи со лимит од околу 34 милиони денари и тоа ни е доволно за покривање на тековните трошоци, во смисла на исплата на плати на вработени лица, како и покривање на трошоци за вода, електрична енергија и сл. Прогласувањето на финансиска нестабилност не е едноставна процедура, а за истата е потребна и иницијатива и од Министерството за финансии“, вели тој.

Додава дека постапиле по препораките на Државниот завод за ревизија, при што ги рационализирале средствата за работи кои се под надлежност на општината, а не како во минатото, кога се злоупотребувале буџетски средства за проекти за кои бил задолжен Град Скопје.

Признава дека блокирањето на сметката придонесува за проблеми во функционирањето и развојот на општината.

„За реализација на капитални проекти аплицираме за средства од европските фондови, со цел да нема застој во спроведување важни проекти за граѓаните. На пример, Спортско – адреналинскиот парк кој го направивме со средства од Европската унија, благодарејќи на грантот кој го добивме, врз основа на нашата проектна апликација. Блокирањето на средствата влијае на креирањето нови проекти, независно на нашата определба оваа состојба да нема голем импакт“, вели Богоев.

Инаку, слично како и општина Охрид, така и општината со која раководи Богоев, во последниве три години потрошила 260.000 на привремени вработувања за потребите на општината. Општина Карпош годинава потрошила и рекордни 65.000 евра за печатење на општинскиот магазин, а трошоците за 2019 и 2018 за оваа намена биле 32.000 и 52.000 евра.

За надминување на проблемот со долговите, Богоев смета дека е потребно спроведување на фискалната децентрализација, но и нов начин за финансирање на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС).

„Поголем дел од ДДВ – то да биде наменето за општините, како и распределбата Град Скопје – општина да биде поеднаква. Сепак, во оваа ситуација, сите локални самоуправи се стимулирани да градат, затоа што комуналиите од таксата за уредување на градежно земјиште (т.н. комуналии) се најголем приход. Стимулирањето на градба се коси со нашата програмска определба и затоа во изминативе три години се обидовме колку што е можно да го заштитиме урбаното јадро, централните населби и градбата да се дисперзира по периферните делови“, објаснува тој.

Додава дека проблемот може да се надмине со промена на законската регулатива и волја од сите институции за нови, дополнителни начини на финансирање на ЕЛС.

Куманово во пандемија ја одблокира сметката

И општина Куманово до минатата година беше во долгови поради кои имаше блокирана сметка. Сепак, годинава во време кога имаше пандемија оваа општина успеа да ја одблокира сметката.

„Општина Куманово влезе во целосна финансиска блокада на 11 јануари 2010 година поради ненамирени обврски за кредити и други кредити, кои се користени од страна на ЈП Водовод-Куманово, а општината била гарант. Дополнително за судски извршувања за ненамирени обврски кон физички и правни лица, судски постапки, водени со децении наназад против општината. Во февруари 2020 година успеавме да ги намириме сите обврски на општината и по десет години да ја деблокираме сметката на општината“, објаснуваат од оваа локална самоуправа.

Mazedonien Maksim Dimitrievski
Градоначалникот на Куманово, Максим ДимитриевскиФотографија: Maksim Dimitrievski

Велат дека ги намалиле непродуктивните трошоци, а ги зголемиле сопствените приходи од даноци и такси.

„Ја подобривме нивната наплата во изминатите три години и дополнително направивме големи заштеди во јавните набавки, заштедите беа резултат на транспарентни и конкретни постапки“, објаснуваат од оваа општина.

За делумна финансиска стабилизација на општината придонела и дополнителната финансиската помош од државата во 2019 година.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека во време на пандемија од коронавирусот успеале да ја одмрзнат сметката следејќи ја претходно направената стратегија.

„Резултатот е видлив поради фактот дека се зголемуваат приходите, а се намалуваат расходите и со континуирана домаќинска работа од менаџерот, но и тимот може да се постигнат уште подобри резултати-вели тој.

Од Министерството за локална самоуправа велат дека за да не се трупаат идни долгови има заштитни механизми.

„Во членот 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (надлежност на Министерството за финансии) се предвидува ограничување во планирањето на буџетите на општините во однос на последните 3 години, со цел да се оневозможи да се креираат нереални буџети кои што ќе бидат основа за продуцирање на нови долгови.“, објаснуваат од министерството.

Во превод, ако буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени на законот, истиот нема да биде впишан трезорот на Министерството за финансии.

„Законот за финансиска поддршка на ЕЛС инсистира на зголемена транспарентност и отчетност во работењето, односно, општините треба јавно, на своите веб страници да ги објавуваат податоците за трошењето на парите обезбедени од централниот Буџет, како и податоците за тоа на кои доверители им се исплатени средствата по основ на долг.“, дополнуваат од министерството.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.