1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економската криза ги загрозува човековите права

28 мај 2009

Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ во својот извештај од оваа година констатира поврзаност меѓу сиромаштијата и зголеменото прекршување на правата на човекот.

https://p.dw.com/p/HzP5
Годишен извештај на „Амнести интернешнл“

Заострената економска криза може да турне во сиромаштија до 90 милиони луѓе. Седиме на буре барут, полно нееднаквост, неправда и несигурност, кое секој момент може да експлодира, предупреди генералниот секретар Ирене Кан.

Околу 4 милијарди луѓе, речиси две третини од човештвото, според проценките на ОН, немаат пристап кон правните институции. Сиромашните се најчести жртви на прекршувањето на човековите права, вели директорот на бирото на „Амнести интернешнл“ за ЕУ во Брисел, Николас Бегер: „Борбата против сиромаштијата на долг рок е можна само ако бидат почитувани и заштитувани човековите права.“

Прекршување на човековите права и во ЕУ

Според „Амнести“, во околу половината од 157-те земји, набљудувани во последната година, се прекршувани човековите права. Организацијата регистрира пораст на забраната за јавно изнесување на мислењето и употреба на сила против демонстрантите.

Asylbewerber in Deutschland
Баратели на азилФотографија: PA/dpa

Во 81 од 157 земји во 2008 година биле прекршени човековите права на слобода на мислење. Во 50 држави луѓето биле ставани зад решетки само поради религиозното или политичкото убедување. Во 27 земји биле протерувани луѓе, иако во нивните татковини им се заканувале прогон, мачење или смртна казна.

И ЕУ според Николас Бергер паѓа в очи по негативни примери: „Во 19 земји-членки на ЕУ со барателите на азил и бегалците не било постапувано во согласност со човековите права. 12 држави на ЕУ не ги почитувале правилата за правата на човекот во борбата против тероризмот, како во законодавството, така и во практиката.“

„Амнести“ критикува во извештајот, меѓу другото, дека германските власти во борбата против тероризмот користат сознанија, изнудени преку мачење.

Европските земји критикувани и поради третманот на Ромите

Важна тема во извештајот на „Амнести“ е масивното зголемување на напади врз Ромите во повеќе држави од ЕУ, како Италија, Чешка и Унгарија. Многу ромски деца се преместувани во специјални или училишта за хендикепирани или воопшто не одат на часови.

ROMA IN ITALIEN
Ромите во ИталијаФотографија: AP

Италијанската влада штотуку донесе закон, според кој луѓето без постојано место на живеење или стан кој не одговара на минималните стандарди, треба да бидат пријавени во Министерството за внатрешни работи или општините. Директорот на бирото на Амнести во Брисел подвлекува: „Тоа води до губење пристап до основните служби во италијанскиот систем, како здравство, образование. Овој закон е дискриминирачки и спротивен на важечкото право во ЕУ.“

Негативни примери во Африка

Состојбата со човековите права во Африка е особено загрижувачка во Дарфур, во Сомалија расте политичкото насилство и анархијата, не е постигната заштита на цивилите. Последниве две години во борбите во и околу Могадишу загинаа околу 16 илјади луѓе.

Во Азија поради прекршување на човековите права во бегство се илјадници луѓе, само во Пакистан поради борбите меѓу Талибанците и владините трупи избегаа милион луѓе, пред се‘ од долината Сват. Насилствотo во Авганистан е секојдневие, во 2008 година загинаа повеќе од 2.000 цивили, меѓу нив има убиени од страна на припадници на ИСАФ. Во Кина нема речиси никакво подобрување на човековите права по крајот на Олимписките игри, се вели во извештајот на „Амнести интернешнл“. Критиките кон владата или службите и натаму се непожелни.


Автор: Сабине Рипигерт/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска