1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економската соработка добра и во подем, во политиката многу помалку заеднички нешта

Естер Хартбрих22 декември 2006

Германскиот министер за надворешни работи Штајнмаер во Москва се сретна со рускиот претседател Путин, со колегата по функција Лавров, како и со претставници на руската опозиција

https://p.dw.com/p/Ac0i
Штајнмаер и Путин
Штајнмаер и ПутинФотографија: AP

“Нашите билатерални односи се во нагорен тренд. Трговскиот волумен достигна нов рекорд од 40 милијарди долари. Развивме нова, напредна соработка на претпријатијата, се’ поинтензивна е соработката кај инвестициите и во областа на високата технологија. Се’ поблиски се односите на културен и хуманитарен план, кај науката и истражувањата, како и кај младинската размена” - рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција беше многу задоволен од состојбата во билатералните руско-германски односи.

Големи се и руските очекувања од двојното претседателство на Германија со ЕУ и Г8 – кое го презема токму од Русија. Двајцата министри беа согласни и во проценката на ситуацијата на Блискиот исток, како и на потребата за колку што е можно поитна средба на Блискоисточниот квартет. Со тоа беа исцрпени темите кај кои постои обострана согласност.

Лавров ја истакна желбата на Русија за натамошен развој на соработката со ЕУ. Полска ги блокира преговорите за нов договор за партнерство. Ставот на Франк-Валтер Штајнмаер е: “Ние прво мораме да се обидеме да ги отстраниме пречките што му стојат на патот на отворање нови преговори, и второ, мораме да поразмислиме во каква форма ќе биде можно продолжувањето на односот на партнерство и кооперација”. поред германскиот министер, во новиот договор мора да бидат регулирани и односите во областа на енергетиката, на пример сигурноста на испораките за да се избегнат тесни грла како на почетокот од годинава. На оваа тема Лавров не кажа ни збор.

На прашање на германски новинар Штајнмаер рече дека за внатрешно-политичката ситуација во Русија разговарал созаменик-премиерот Медведев, и констатира дека Русија може да си наштети самата себе си ако целосно не ги расветли убиствата на новинарот Ана Политковскаја и на поранешниот агент Александар Литвиненко. Но, Штајнмаер јасно кажа дека германската влада, и покрај задршките во однос на внатрешниот развој во Русија, и натаму полага врз блиско партнерство со таа земја. “Се покажа дека на многу полиња не можеме да излеземе на крај без Русија” – рече Штајнмаер и ги спомна Косово, Иран и Блискиот исток.

По средбата со претседателот Владимир Путин немаше прес-конференција. Според руските агенции, Путин бил задоволен од развојот на билатералните односи. Штајнмаер во име на канцеларот Ангела Меркел го поканил Путин да учествува на Конференцијата за безбедносна политика во февруари во Минхен.

На крајот од престојот во Москва германскиот министер за надворешни работи имаше средба и со претставници на опозицијата без присуство на новинари. Тој разговараше во четири очи со поранешниот светски првак во шах Гари Каспаров, кого го сметаат за еден од најострите критичари на претседателот Путин.