1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економскиот раст во Македонија на удар поради кризата во еврозоната

13 декември 2011

ММФ за Македонија препорачува намалување на расходите во буџетот за наредната година и помалку задолжување од надвор.

https://p.dw.com/p/13Rmp
ММФФотографија: DW

Македонската економија во 2012 ќе биде погодена од последиците од кризата во еврозоната. Најмногу ќе страда економскиот раст. ММФ предвидува дека тој ќе изнесува најмногу 2 процента, македонската Влада останува на проекцијата од 4,5 проценти раст на БДП во 2012.

Завршија консултациите помеѓу Мисијата на ММФ и Владата, НБРМ и бизнис секторот во Македонија. „Оценката на ММФ е дека македонската економија се опоравува и дека поради нискиот јавен долг и фактот што банките не се потпираат на надворешно финансирање Македонија е релативно добро заштитена од неповолните случувања во еврозоната“, изјави шефот на Мисијата на ММФ за Македонија, Вес Мег Гру.

Да се зголеми домашното задолжување бара ММФ

Дефицитот во буџетот за 2012 според ММФ е соодветен, но фондот предвидува намалување на приходите и препорачува корекција и на расходите. ММФ исто така препорачува да се зголеми домашниот долг и со тоа да се намали нивото на позајмување пари од надвор.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Министерот СтаврескиФотографија: MIA

Рефернтната каматна стапка од 4 проценти е соодветна, но ММФ и препорачува на Централната банка зголемување на каматите, ако притисокот однадвор се зголеми.

„Македонската економија во 2011 имаше солидна патека на заздравување и очекуваме до крајот на годината да се оствари предвидениот раст од 3,5 проценти“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според него буџетот ја остварил функцијата овозможувајќи реализација на капиталните инвестиции при низок буџетски дефицит од 2,5 проценти.

Македонија и во наредниот период ќе остане земја со ниска задолженост, а во буџетот за идната година е предвидено зголемување на капиталните инвестиции за 28 проценти, рече Ставревски.

НБРМ подготвена за сите сценарија

Депозитите на граѓаните се безбедни рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов, а како доказ дека нема страв кај населението го наведе податокот дека во декември е остварен раст како на денарските така и на депозитите во девизи. „Се подготувавме за сите можни сценарија но малку веруваме дека е можно пропаѓање на еврото“, изјави Богов.

Dimitar Bogov Chef der Zentralbank in Mazedonien
Гувернерот БоговФотографија: Agentur Makfax

Кредитната линија за претпазливост е преименувана во кредитна линија за претпазливост и ликвидност и таа останува отворена и во наредниот период. Досега од 480 милиони евра се повлечени 220.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска