1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските проблеми го обединуваат Балканот

24 јули 2010

Во организација на германската фондација Роберт Бош, во Букурешт се одржа собир на економски новинари и уредници од повеќе балкански земји. Се дискутираше за најзначајните предизвици со кои се соочува Југоисточна Европа

https://p.dw.com/p/OROE
Фотографија: AP

Невработеност, презадолженост, сиромаштија. Состојбата во сите балкански земји е слична, се разликува во нијанси. На видувањето на новинарите и уредниците од економската сфера, одлично се надополнува статистиката. Бројките ги потврдуваат впечатоците на економските репортери и аналитичари. Целиот Балкан срка иста каша.

Романија и Бугарија не стасаа да се порадуваат од придобивките што ги носи членството во Европската Унија. Ги пресретна економската криза. Романците се соочуваат со намалување на платите, зголемување на даноците, раст на цените.

“Романија е во длабока рецесија, во очите на инвеститорите не котираме добро, има значителни скусувања во јавните трошења, а минатиот месец се зголеми и данокот на додадена вредност“, објаснува за Дојче Веле, Кристијан Пантази од романскиот електронски медиум, Хот Њуз.

Колешката од Бугарија не може да се сети на повеќе предности што на нејзината земја и ги донесе членството во Унијата.

Петја Крастева од интернет медиумот Си Маркет Воч вели:

“Единственото добро е што сега може да се патува без визи, се друго остана исто. Ние и натаму имаме ниски плати и пензии, а високи цени. Мнозинството живее лошо“.

SOE Präsidenten Gipfel
Политичарите досега не најдоа решение за заедничките проблеми. фото: Самит на претседателите од ЈИЕ во Цетиње, Црна ГораФотографија: MIA

Ефектите од членството во НАТО само психолошки

Во меѓувреме Хрватска и Албанија се приклучија на НАТО. Но засега не видоа поголемо фајде на економски план од новиот статус.

“Не затоа што во исто време се случи силен удар на рецесијата така што тие позитивни ефекти од влезот во НАТО не успеавме да ги видиме“, вели Матилда Бачелиќ од хрватскиот медиум Лидер.

Фатјон Кодра, уредник во весникот Интегрими од Албанија вели дека НАТО засега го подобрува само имиџот на земјата.

“Не, не мислам дека обичниот човек чувствува подобрување. Луѓето знаат дека членството во НАТО е нешто добро и тоа е генералната перцепција. Но конкретни ефекти и промени нема“.

На економски план иднината на Босна и Херцеговина е многу неизвесна вели Маријана Шарчевиќ од новинската агенција СРНА.

“Граѓанинот на Босна и Херцеговина денеска живее многу лошо, но се плашам дека во иднина ќе биде уште полошо. Не сум оптимист затоа што веројатно поради професијата често пати сум блиску до центрите што одлучуваат и во политиката и во бизнисот“.

Проблемите исти како и визиите

Европската Унија секогаш ќе може да ја прекорува Црна Гора дека не сторила доволно на полето на справување со криминалот и корупцијата смета Љубиша Пејовиќ од Антена М од Подгорица. Економските тешкотии не може да ги намали ниту значајниот обем на странски капитал што во изминатите години влезе во земјата.

“За Црногорците важи девизата дека повеќе трошат отколку што заработуваат а кога ќе ги прашаат како успеаваат велат не знам“,

Bildgalerie Ursachen von Armut: Krieg
Сиромаштијата во земјите на ЈИЕ е се уште високаФотографија: picture alliance/dpa

Според Ивана Ристиќ од белградски Економист, буџетскиот и трговскиот дефицит се најголемите проблеми на српската економија.

“Вториот по значење проблем, курсот на динарот, најмногу го погаѓа обичниот човек. На пример во 2008 кога почна кризата за само 1 месец луѓето загубија најмалку по сто евра на курсни разлики. Динарот ослабе за 30 проценти. Цените растат, стандардот паѓа“.

Освен проблемите слични се и виизите. Сите посакуваат мир и услови за достоинствен живот. Свесни се дека до благосостојба Балканот нема да стаса лесно. Ќе бидат потребни многу работа трпение и толеранција.

Автор: Горан Петрески

редактор: Борис Георгиевски