1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

13 август 2009

Сименс ја повлече тужбата против владата на Аргентина. Јужнокорејскиот производител на автомобили Киа постигна рекордна нето-добивка во вториот квартал од годинава.

https://p.dw.com/p/J91F
Киа со рекордни добивкиФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Германскиот енергетски концерн РВЕ успева и во време на криза да ја зголеми добивката и е на најдобар пат да ги оствари поставените цели за тековнава година. Порастот во првата половина од 2009 изнесува 3,8 проценти, односно преку 4 милијарди евра.

***************************

Индустрискиот гигант од Германија, Сименс ја повлече тужбата против владата на Аргентина поради сторнирање на договорена зделка. Во 1998 година, Сименс доби налог да изработува и дели лични исправи во таа латиноамериканска земја, но три години подоцна, тогаш новата аргентинска влада, го повлече налогот поради наводни неправилности. Сименс соопшти дека спорот е надминат и сега е можна соработка со Аргентина во областите енергија, здравство и индустријализација.

***************************

Германските лекари со приватна пракса, во изминатите години забележале значителен пораст на хонорарите - и покрај реформата на начинот на хонорирање. Според студијата на Сојузниот завод за статистика, во 2007 година просечните чисти приходи на лекарите изнесувале 142 илјади евра годишно, што претставува плус од 12,7 проценти за период од пет години.

***************************

Јужнокорејскиот производител на автомобили Киа постигна рекордна нето-добивка во вториот квартал од годинава, во износ од 197 милиони евра. Тоа е околу четири пати повеќе, отколку во истиот период лани. Ова, според претпријатието, се должи на робустната побарувачка во Јужна Кореја, како и на слабиот курс на тамошната валута. Киа му припаѓа на концернот Хјундаи.

***************************

Состојбата на американскиот пазар на недвижности уште не се стабилизира, и покрај државната помош за сопствениците на куќи што не можеа да си ги плаќаат долговите. Бројот на принудни заплени заради неплатени долгови во јули порасна за седум проценти во однос на јуни, или во апсолутна бројка, тоа ги снајде 360 илјади домаќинства. На годишно ниво, порастот изнесува дури 32 процента.

Автор: ЗЈ/СН/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска