1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

15 јануари 2009

Вториот пакет за помош на стопанството, што го донесе германската влада, може за половина до еден процент да го ублажи очекуваниот голем пад на стопанскиот пораст во оваа година, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/GYpU
Германската влада го спасува стопанството со 50 милијарди евра

Вториот конјунктурен пакет на германската влада може да донесе значителни импулси на пазарот на работна сила, смета Институтот за истражување на пазарот на работна сила и професии од Нирнберг. Пакетот може за половина до еден процент да го ублажи очекуваниот голем пад на стопанскиот пораст во оваа година, изјави потпретседателот на институтот Улрих Валвај за „Берлинер цајтунг“. За пазарот на работна сила тоа би значело дека ќе бидат спасени до 250 илјади работни места, кои инаку би биле загубени како последица на кризата. Истражувачите од институтот проценуваат дека целосно дејство кај порастот и вработувањето мерките од пакетот ќе постигнат дури во 2010 година.

Deutschland Finanzkrise Hypo Real Estate Bank Symbolbild
Мерките ќе значат спас за 250 илјади работни местаФотографија: AP


Американското стопанство бележи изразит негативен тренд. Американската емисиска банка „Федереал Ризрв“ изјави дека нејзините 12 регионални единки во изминатите два месеца регистрирале силен пад во сите бранши - од трговијата на мало, преку индустриското производство, до услужните дејности и пазарот на недвижнини. Мрачни се и изгледите за наредниот период. „Стопанството се наоѓа во тешка рецесија, која многу веројатно ќе потрае уште најмалку два квартала“, рече претседателот на „Фед-банката“ од Минеаполис Гери Стерн.


Бенк оф Америка повторно има потреба од помош од државата во износ изразен со милијарди. Најголемата американска банка од средината на декември води разговори со владата за втор финансиски шприц, се дознава од доверливи извори. Причина за потребата од нова помош е преземањето на инвестмент-банката „Мерил“, тешко погодена од кризата, од страна на Бенк оф Америка. „Мерил Линч“ во четвртиот квартал од минатата година повторно забележа високи загуби, што го загрозуваат нејзиното преземање од страна на Бенк оф Америка, договорено на први јануари годинава.


Стравот од заострување на економската криза во светот, негативните вести од Америка и Европа, влијаеја врз берзите во Азија. Водечкиот индекс на берзата во Токио, „Никеи“, денеска забележа најниско ниво за последниот месец.


Das Größte - BdT
Дубаи: кризата го запре бумот на недвижниниФотографија: AP

Со оглед на финансиската криза, за една година е запрена изградбата на највисоката зграда во светот, која се гради во Дубаи и треба да биде висока еден километар. Официјално е соопштено дека привременото запирање на работите е реакција на изменетите услови. Финансиската криза во светот го закочи бумот на недвижнини во Дубаи. Емиратот од Персискиот Залив не располага со резерви од нафта, но во минатите години привлече инвеститори од целиот свет.