1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

10 јуни 2010

Избор од стопански вести: Германскиот производител на автомобили БМВ и во мај забележа пораст; Предупредување - брзо кратење на финансиската поддршка за користење сончева енергија ќе им нанесе голема штета на фирмите.

https://p.dw.com/p/Nmq9
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Германските аеродроми стравуваат дека планираното воведување посебна такса за секој патник кој полетува од Германија во износ до 15 евра би можело да води кон губење работни места и опаѓање на бројот на патниците. Според првичните прогнози, оваа владина мерка би предизвикала пад од три проценти кај бројката на патниците, изјави Ралф Бајзел, главен раководител на Здружението на германските аеродроми, за агенцијата Ројтерс. Се очекува посебно да бидат погодени воздухопловни компании кои нудат евтини авионски карти, што со новата мерка значително би поскапеле.

Германскиот производител на автомобили БМВ и во мај забележа пораст, и покрај проблемите на домашниот пазар. Вкупно биле пласирани речиси 121 илјада автомобили, што е зголемување за 10.8 проценти. Севкупно во првите пет месеци од годинава БМВ пласира на пазарот дома и во странство речиси 553 илјади возила, што претставува пораст од 13,3 проценти. Особено добар напредок БМВ бележи во Кина, каде го удвои палсманот, додека во Германија продажбата опадна за 13,7 проценти.

Претпријатијата за производство на соларна техника во Германија предупредуваат дека брзо кратење на финансиската поддршка за користење сончева енергија ќе им нанесе голема штета. На маргините на саемот Интерсолар Европа во Минхен, најголема сеамска манифестација од овој вид во светот, сепак е истакнато дека и покрај од владата планираното кратење на субвенциите, во оваа бранша очекуваат да продолжи стопанскиот пораст, но со намалена добивка поради опаѓањето на цените на соларните постројки.

Организацијата за економска соработка и развој - ОЕЦД бара запирање на субвенциите за фосилни извори на енергија. На тој начин би се намалила емисијата на штетни издувни гасови за 10 проценти до 2050 година, а државите би заштедиле пари во буџетот, се вели во студијата на ОЕЦД.

Автор: Џанг Донг/ Клаус Улрих/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска