1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еко-тренд во светот на автомобилите

13 септември 2007

Автомобилската индустрија, посебно германските производители, на саемот во Франкфурт сакаат да ја покажат својата „зелена” страна: под впечаток од дебатата за климата, екологијата високо се котира и во авто-индустријата

https://p.dw.com/p/BfQ2
Од саемот во Франкфурт: Рајтхофер крај хибридно возило на БМВФотографија: AP

Денеска започнува 62-от саем на автомобили во Франкфурт на Мајна. Прво околу 10 илјади новинари од целиот свет имаа два дена можност да ги стават под лупа сите новитети во врска со автомобилите, што ги изложуваат 1100 фирми од 40 земји. 88 светски премиери – во Франкфурт досега никогаш немало толку многу нови модели на автомобили.

Раскошно шоу како и секогаш, а сепак овој пат на саемот е малку поинаку: не само поради тоа што за прв пат сопствен саемски штанд имаат германските “Зелени”, туку воопшто екологијата не беше толку многу застапена. Никогаш досега менаџерите од светот на автомобилите не го користеле толку често изразот “заштита на климата”.

Норберт Рајтхофер, шеф на БМВ, рече: “Заштитата на климата овде стои во преден план. Таа не е цел сама за себе, заштитата на климата е за луѓето. Ни автомобилите не се цел сами за себе, тие се прават за муштериите и, се разбира, треба да воодушевуваат. Ние ги имавме обете работи пред очи – и екологијата, и купувачите”. Поради тоа Баварците во Франкфурт ја слават премиерата на својот модел 318 де. Со 143 коњски сили, тој сепак троши помалку од 5 литри гориво на сто километри, а со емисија од 123 грама јаглен диоксид речиси ги исполнува идните европски стандарди.

Но, ни конкуренцијата од Штутгарт не сака да заостане и во трка испраќа дури 19 еко-модели. Студијата Ф 700 треба да покаже како Мерцедес Бенц во иднина има намера да ги дефинира големите автомобили – во случајов со една комбинација од дизел и класичен бензински мотор.

“Денеска покажавме дека овој развој сакаме да го водиме и понатаму, и тоа активно и со значително посилен акцент, отколку што го правевме во минатото. Разумот и емоциите мора да одат рака под рака – само така може да биде трајна автомобилската иднина. И, мислам дека обете одат заедно – ние овде прикажуваме цела палета конфорни возила, кои и во иднина ќе овозможат еколошки беспрекорно возење” – вели Калус Маер, во Управниот одбор на Дајмлер надлежен за дистрибуција.

Чиста еколошка совест со 500 коњски сили под хаубата - критичарите поради тоа префрлуваат за “клима-шоу” за заблудување на јавноста. Шефот на Опел Ханс Демант го отфрла тој прекор: “Не би сакал саемот да се означи како ’зелено шоу‘. Ова што овде го изложуваме е автомобилска технологија пар екселанс. Ние ја покажуваме индивидуалната мобилност за иднината, и во тој контекст, се разбира, мораме да се занимаваме и со темата заштита на климата. Таа тема ќе ја носиме со нас и во наредните години и се решивме да и’ дадеме целосна подршка”.

Во тоа шефот на фирма за масовно проиводство е на иста линија со шефот на Порше Венделин Видекинг. Застанат крај својата нова омилена играчка, ГТ 2 со 530 коњски сили, тој вели: “За Порше заштитата на климата секогаш беше важна. Мислам дека токму од нашата егзистенција, на премиум-производителите, во иднина ќе профитираат производителите на средни и мали автомобили. Оти, кај нас купувачите се подоготвени да платат за нови технологии. И, кога е така, работите се испробуваат, а потоа можат да се употребат и кај средните и малите возила. А тие – ако сме искрени – се најголемите емитувачи на издувни гасови. Според бројот на возилата, нивната вкупна емисија е многукратно поголема, отколку на нашите возила”.

Се’ е, значи, само прашање на аголот на гледање. Но, на крајот купувачот ја решава трката за благонаклоност спрема еко-автомобилите. А тој во моментов, специјално во Германија, е многу воздржан. Сепак, сите германски производители во Франкфурт искажуваат нагласен оптимизам – за климата секако, но и за идниот развој на своите претпријатија исто така.

Хенрик Беме