1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

БиХ е полна со луѓе како Гачиќ

Самир Хусеиновиќ
13 февруари 2019

БиХ полека се смирува од шокот и стравот што го предизвика повеќекратниот убиец на слобода Един Гачиќ. По неговото убивање, се развива дискусија околу прашањето: Дали вакви случаи може да се повторат?

https://p.dw.com/p/3DIUO
Polizei von Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Klix.ba

Населението во најмалку два федерални кантона 8 дена живееја во страв од повеќекратниот убиец Един Гачиќ. Веста за неговата ликвидација ја пренесоа многу светски медиуми, а регионалните отидоа и чекор понапред, истражувајќи кој бил најбараниот босански бегалец.

Се покажа дека Един Гачиќ, поради своите религиозни убедувања и националност, бил жртва на тортура на почетокот на војната во Бања Лука. Индекс.хр пишува дека токму тоа се причините поради кои Гачиќ е „малтретиран“ и „прогонуван“ и оти прогонот на несрпско население и уривањето на верските објекти во градот на Врбас значително влијале на неговата радикализација. Тогаш тој имал 18 години. Со неговата мајка Сифета во 1994 година побегнал во Хрватска, но на крајот на војната, во 1995 година се приклучил на одредот на војската на БиХ „Ел Муџахид“.

Во 1998 година Гачиќ го убил Исмет Гуниќ, претседател на Здружението на бањалучани во Зеница и за тоа злосторство е осуден на 14 години затвор. За време на слободниот излез ја убил неговата мајка Сифета, за што добил дополнителни 20 години затвор. Казните за двете убиства му се споени, а на слобода е пуштен во 2017 година, по отслужување на три четвртини од законската казна.

На 4 февруари Гачиќ во Коњица го уби трговецот Сауд Султаниќ, а осомничен е и за убиството на полицаецот Махир Бегиќ во Суходол кај Тарчин пет дена подоцна. Откриен е во близина на Тарчин во вторникот (12.2.) и е ликвидиран, откако одбил на повикот на полицијата да се предаде.

Ибрахим Прохиќ: „БиХ е полна со лебдечки психолошки или патолошка бомби“

Така е завршена најголемата полициска потера во повоена БиХ. Во меѓувреме, откриени се и деталите за психолошкиот профил на повеќекратниот убиец. Лекарските наоди го опишуваат како болен кој страда од пореметување на личноста, шизоидно и параноиден тип, а експертите, наводно, дошле до заклучок дека бил и „верски фанатик“.

Како е можно такво лице да е на слобода и како надлежните ги игнорирале лекарските наоди? Стручњаците предупредуваат оти проблемот е во тоа што надлежни - и немало.

Polizei von Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Klix.ba

Во разговор за ДВ, познатиот психолог и аналитичар Ибрахим Прохиќ вели дека, иако специфичен, ваков случај не е непознат во пракса. „Имаше одамна еден случај кога едно осудено лице, по отслужувањето на казната од 20 години, по изглегување на слобода го уби судијата кој го осуди“, потсетува Прохиќ.

Тој предупредува оти ваков случај може и да се повтори. „Постојат луѓе кои не се душевно болни, но имаат пореметување на личноста или психопатска структура на личноста, мотивирани се да се одмаздат или својата агресивност да ја насочат кон одредени лица. Проблем е ако општеството не сфаќа дека такви поединци ќе има секогаш. БиХ е постконфликтна земја, а во постконфликтините општества бројот на такви лебдечки психолошки или патолошки бомби е поголем отколку во мирнодопски услови. Проблем е што оваа опасност нашето општество не ја препознава на вистинскиот начин“, вели Прохиќ.

Што по излегувањето на психопат од затвор?

Нашиот соговорник потенцира дека во овој случај грешката е во правосудството, односно потсистемот на извршување на казната, полицијата, но и властите кои не успеваат да уредат адекватен систем. „Тој систем пред сѐ е расцепкан и не постои функционална врска меѓу неговите одделни делови. Секако, мислам на законот за извршување на кривични санкции на ниво на БиХ, на ниво на ентитети, Дистриктот Брчко и.т.н. Посебно е проблематично што не е решено прашањето за згрижување на лицата на кои им се изрекува затворска казна со обврзувачко психијатриско чување и лечење. Сѐ додека не го имаме тоа, ваквите случаи нема да бидат исклучок туку правило“, предупредува Прохиќ.

Случајот Един Гачиќ покажа оти не постоела добра координација меѓу системот на извршување на кривичните санкции во затворот и на службите на терен - полицијата и центарот за социјална работа. „Најслаба алка во системот на извршување кривични санкции за лишување од слобода во БиХ е т.н. постпенален третман (продолжување на третманот по извршувањето на казната затвор). А тоа значи дека осуденото лице кои излегува од издржување казна на условно пуштање врз основа на институтот помилување или по издржување на казната, излегува во еден празен социјален и психолошки простор, што значи оти со тоа лице веќе никој не се занимава“, вели Прохиќ.