1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Експлозија во станица за дистрибуција на гас во Австрија

ЖА / агенции
12 декември 2017

Причина за силната експлозија во станицата за дистрибуција на природен гас во Баумгартен е веројатно технички дефект. Загина едно лице, а десетици се повредени. Облакот чад се гледа од километри далечина.

https://p.dw.com/p/2pCSF
OESTERREICH EXPLOSION GASSTATION
Фотографија: picture-alliance/Keystone

Според првите сознанија на полицијата, силната експлозија во третата по големина австриска станица за дистрибуција на гас се должи на технички причини. Криминалистичката служба ја презема истрагата, соопшти полицијата преку Твитер. Засега е потврдено загинувањето на едно лице, а најмалку 18 се повредени. Еден од нив морало со санитетски хеликоптер да биде пренесен во најблиската клиника. Екипите за спасување тврдат дека никој надвор од округот на станицата не е повреден. Исто така и штетите се ограничени на теренот на кој се случи инцидентот. Во пожарот настанат како последица на експлозијата се уништени повеќе објекти и возила. Облакот чад можел да се види и од 30 километри оддалечената Виена.

ÖSTERREICH EXPLOSION GASSTATION
Фотографија: picture-alliance/Keystone

Станицата за гас во Баумгартен е централна клучка за распределба на природен гас во Европа. Со годишен капацитет од 40 милијарди кубни метри преку неа се распределува гасот од Русија и Норвешка пред сѐ кон Италија и Германија, како и кон земјите од Балкан. Баумгартен се наоѓа на границата кон Словачка.

Експлозија во станица за гас во Австрија