1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експрес - буџетот за 2017. година во Собрание

Костадин Делимитов
28 септември 2016

Власта по секоја цена сака да го протне буџетот пред избори. Опозицијата ќе протестира, но со жестока дебата и стотици амандмани. Битката за парите кои ќе ги троши идната Влада кулминира, но тешко дека ќе ескалира!

https://p.dw.com/p/2Qg03
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Експресна и жестока наместо суштинска и конструктивна се очекува да биде дебатата за предлог- буџетот за 2017. година, кој од денеска е на расправа пред пратениците. И покрај бројните реакции и критики власта сепак опстоја на ставот буџетот за 2017. да се донесе во октомври, што досега не било случај во независна Македонија. Рокот до распуштање на парламентот на 12 октомври е премногу краток и не дава многу простор за сериозна и детална расправа, ниту по предлогот, ниту по најавените над 400 амандмани.  Опозицијата е свесна дека ограничувањата во деловникот не даваат можност за блокади и одолговлекувања од типот на оние во 2012. година кои власта тогаш одбра да ги расчисти со употреба на сила. Револтирани што сега и експресно го одбија нивниот „џентлменски“ предлог за времено финансирање, најавуваат дека ќе ги искористат сите можности за гласна и остра расправа: 

„Факт е дека предложениот буџет е нереален и недомаќински и она што сега ни преостанува е преку дебата да се обидеме нешто да смениме и што е најважно, граѓаните да можат да видат дека парите од вака подготвените и зголемени буџети можат многу поинаку и попродуктивно да бидат употребени. Интенцијата е по секоја цена да се донесе буџетот, дури и да се пробие рокот за распуштање на парламентот на 12 октомври. А тоа многу веројатно и дека ќе се случи бидејќи времето е прекратко“, предупредува Маријанчо Николов од СДСМ.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

„Временото финансирање носи ризици“

Кај пратениците од власта воопшто нема дилеми околу нужноста од носење на буџетот:

„Временото финансирање што го бараше опозицијата носи дополнителни ризици и непредвидливост во делот на функционирањето на стопанството и бизнис секторот. Затоа сметаме дека буџетот треба да се донесе. Се разбира дека ако СДСМ евентуално победи на изборите може да направи ребаланс и промени, тоа не е ништо страшно. Се‘ друго е од политички побуди. Дека ќе имаме жестока дебата и спротивставени ставови, тоа не е спорно и така нека биде, па јавноста нека цени кој е во право. Но искрено, не очекувам некакви непредвидни случки од типот на оние што се најавуваа од страна на дополнителниот заменик министер за финансии, бидејќи тоа воопшто нема да биде добро за никој“, коментира Крсто Мукоски од ВМРО ДПМНЕ.

Бројни амандмани

Опозицијата овој пат очекува од власта и конструктивност барем во делот на амандманската расправа. Од 422 поднесени амандмани, една третина се на социјалдемократите. Дали власта ќе се „смилува“ и ќе демонстрира демократска волја некој од нив и да прифати?

„Генералната слика е дека опозицијата не се слуша многу, а власта останува на своите ставови и не прифаќа сугестии сметајќи дека како владејачко мнозинство таа треба да ги креира политиките. Но тоа е пред се демократски декор, бидејќи амандманите не се некои суштински.  Но ако носи такво право тогаш треба и‘ да носи одговорност за политиките за кои годишно троши по три милијарди евра. Но тогаш постојано слушаме дека е виновен некој друг, од внатре или од надвор“, предупредува Николов.

И за овој буџет најголем дел од амандманите ги поднеле од ДПА-Демократската партија на Албанците. Сепак оттаму не беа расположени и за детали во пресрет на денешната собраниска расправа:

„Да, ние имаме поднесено најмногу амандмани за буџетот за 2017. година, но за деталите сепак не би сакале да зборуваме пред стартот на расправата. Она што го имаме ќе го слушне јавноста од собраниската говорница“, коментираат од ДПА.

Генерално воздржани во ставовите се и во ДУИ, коалициониот партнер во власта: 

„Буџетот е анализиран и усогласен во Владата и ако тоа е така поминато тогаш би било несоодветно ние како пратеници во собранието да правиме нешто поинаку. Нема што многу според вас или според нас, туку се работи за функционирање на нештата. Е сега околу политичките калкулации, за тоа потоа. Но лично не очекувам поголеми проблеми во смисла на оние од 2012, но ќе видиме кој како ќе се распореди и постави во настапите и барањата“, коментира Талат Џафери од ДУИ.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Предлог- буџетот за 2017. година веќе доби епитет на рекорден. Не само поради брзањето на власта да го протне низ собрание уште во октомври, туку и по плановите во една година да се потрошат рекордни 3,35 милијарди евра,  што ќе испровоцира и нов рекорд во делот на висината на јавниот долг кој би надминал 50% од БДП. Планирани се и рекордни капитални инвестиции, 438 милиони евра, иако според искуствата од сите досегашни буџетски остварувања, малкумина се оние кои  навистина веруваат дека тие и реално се остварливи. Во делот на приходите пак, очекувањата се дека тие ќе бидат покуси за 302,5 милиони евра, што го позиционираат дефицитот на 3% од БДП. Толку изнесува и проекцијата за економски раст во 2017. година.