1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстремисти во германската војска

Андреас Илме / Марта Таневска 21 јули 2013

Според германската воена контраразузнавачка служба, имало неколку стотици сомнителни случаи на десничарски екстремизам во редовите на Бундесверот. Дали има екстремисти инфилтрирано во војската?

https://p.dw.com/p/19AnE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германските агенции за разузнавање имаат тежок период: Различни сектори се обвинети дека знаеле за американската шпионска програма Призма, друг оддел треба да се брани од тврдењата дека не успеале да ги најдат неонацисистите на терористичката ќелија НСУ, додека пак друг оддел поврзан со војската е обвинет дека се обидел да регрутира еден од членовите на НСУ како поткажувач - барем тоа е она што го тврдат германските медиуми. Германската војска демантира, но останува прашањето: колку екстремисти има во германскиот Бундесвер?

Војската ги привлекува екстремистите

Во интервју за германското државно радио, Улрих Биркенхајер, кој е раководител на Воената контра-разузнавачка служба МАД, тргна во офанзива. Околу 400 случаи на екстремизам биле истражувани од МАД во 2012, од кои 300 се со десничарска, а 50 со исламистичка заднина.

„Фокусот е во десничарската сфера, бидејќи забележавме дека војската е многу привлечна за млади момчиња помеѓу 18 и 25 години“, вели Биркенхајер. „Управувањето со оружје е многу интересно за некого“. Левичарски екстремисти напротив ретко се наоѓаат во редовите на војската.

Улрих Кирш, раководител на Германската унија на војници, ја потврдува проценката. „Да, сум имал лоши искуства. Лично ми се имаат заканувано“, вели тој во интервју за радио. Тој не сакаше да кажува детали, бидејќи како што вели, „во спротивно ќе ги разбудам оние кои најверојатно би направиле такво нешто повторно“.

Ulrich Birkenheier
Улрих Биркенхајер: „Управувањето со оружје е многу интересно за некого“Фотографија: Getty Images

Според Рајнер Арнолд, портпаролот на безбедносната политика на социјалдемократите, војската навистина има одредена привлечност за младите десничарски умови. И еден да се приклучи би било премногу. „Ние сакаме граѓани во униформа, кои можат да ја разберат нашата демократија и да ја бранат“, вели Арнолд. „Затоа е важно и правилно што МАД ги следи овие лица“.

Нема покачување на бројките

Високиот број на десничарски екстремисти во војската во 2012 година е забележителен, земајќи во предвид дека во последните пет години во просек околу 40 екстремисти беа откривани секоја година. Според портпаролот Лудгер Тербруген, нема податоци за развојот во последните десет години, бидејќи сите податоци треба да бидат избришани после пет години.

Но, Бундесверот смета дека треба да се направи разлика помеѓу откриени екстремисти и случаи што се истражувани. „Застапеноста на екстремизмот не е значајно покачена“.

Исто така не е можно да се поврзат случаите за одредени социјални средини, вели Тербруген за Дојче веле. „Војниците, кои се идентификувани како десничари доаѓаат од сите општествени слоеви“.

Neonazi-Demo in Wolfsburg
Војската има одредена привлечност за младите десничарски умовиФотографија: picture-alliance/dpa

Поврзувањето на разните податоци од војската води до вчудовидувачки резултати: со 400 сомнителни случаи и 40 неоткриени екстремисти, секој екстремист би требало да изврши десет прекршоци. Бундесверот едноставно наведе дека неколку случаи се докажани како неосновани, додека во други ситуации имало исти прекршители.

Огледало на општеството

МАД може да води истрага за едно лице само ако е член на војската - состојба која според Биркенхајер би требало да се смени за МАД да може да ги провери и тие кои аплицираат да се приклучат на Бундсверот.

Социјалдемократот Арнолд меѓутоа предупредува на двојна структура, инсистирајќи дека нема потреба да се прошират правата на МАД во тој поглед. Проверката на цивили треба да остане работа на домашната разузнавачка агенција.

Afghanistan / Bundeswehr
Армијата е „огледало на општеството“Фотографија: AP

Секоја воена сила во демократска средина е секогаш „огледало на општеството“, објаснува Штефан Хансен, раководител на Институтот за безбедносна политика во Кил. Тие регрутираат обични граѓани и поради тоа ги имаат истите проблеми како и општеството во кое живеат. Според неодамнешна студија од фондацијата Фридрих Еберт, во 2012 година околу 9 отсто од населението имале десничарски начин на размислување. Војската ги проверуваше сите кандидати во темелна процедура, вели Хансен за ДВ. За време на процесот на аплицирање, кандидатите мора да одговорат одредени прашања кои имаат за цел да откријат десничарско размислување. После тоа, војниците се проверувани од две страни: од МАД внатре во војската и од домашната разузнавачка служба во цивилниот свет.

Springerstiefel Bundeswher Soldaten Rekruten
Кандидатите за војска мора да одговорат одредени прашања кои имаат за цел да откријат десничарско размислувањеФотографија: picture-alliance/dpa

Ако треба војниците да бидат вработени во области кои се чувствителни за безбедноста, има уште една проверка за екстремистички тенденции, објаснува Хансен. Тој вели дека моментално нема никаква индикација дека во германската војска се инфилтрирале десничарски екстремисти.