1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Билатерални контакти се добри за наоѓање решение за името

ЕМФ/миа18 јули 2013

Европската комисија, по информациите за тврдењето на грчкиот премиер Самарас дека ЕУ, а не Грција, го блокира почетокот на преговори за членство на РМ во ЕУ, тврди дека нејзината позиција е позната и повторена многупати.

https://p.dw.com/p/19ACc
Фотографија: Getty Images/AFP

Европската комисија уште еднаш потенцира дека билатералните контакти и нивното зачестување меѓу политичките лидери на Македонија и Грција се добри во однос на наоѓање решение за прашањето за името. Ова на прашање на МИА денеска (18.07) на прес-конференција го истакна Маја Коцијанчич, портпарол на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон.

Според Коцијанчич, Комисијата повторува дека договорено и заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под капата на ОН, останува есенцијално:

„Се појави надеж дека последната иницијатива од посредникот на ОН, за формални преговори со нов момент, би донесле пробив во однос на ова прашање. Во тој контекст, Европската комисија ги поздравува извештаите од неодамна за билатерални контакти меѓу ПЈР Македонија и Грција“, истакна Коцијанчич, коментирајќи ја позицијата на ЕК во однос на негативниот одговор на грчкиот премиер Андонис Самарас на писмото од претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, за интензивни преговори меѓу тимови што тие двајца би ги воделе со цел - решавање на деценискиот спор поради кој се блокирани македонските евроатлантски интеграции.

Porträt - Maja Kocijancic
Маја Коцијанчиќ, портпарол на Кетрин ЕштонФотографија: EU

На прашањето да го коментира тврдењето на Самарас во писмото дека Европската унија, а не Грција, го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, како и дека Македонија, според грчкиот премиер, не ги исполнува Копенхашките критериуми, Пиа Аренкилде-Хансен, портпаролка на претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо, посочи дека таа нема што да додаде од тоа што претходно го изјавувал Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување Штефан Филе.

Гласноговорничката на Ештон, Коцијанчич, пак, потенцира дека „е позната позицијата на Европската комисија и дека истата е повторена многупати“.

Високи извори од ЕУ, на кои се повикува агенцијата МИА, велат дека грчкиот премиер „може да зборува што сака“, но Комисијата со четирите последователни препораки за Македонија да ги почне преговорите за членство всушност потврдила дека земјата ги исполнила сите критериуми и ги завршила потребните реформи за евроинтеграција.