1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК и СЕ рака под рака во борба против дискриминацијата

20 јули 2010

Македонија, како претседавач со СЕ, меѓу другото, ќе помага и за имплементација на агендата за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација. За темата се разговареше во Брисел.

https://p.dw.com/p/OPzd
Вивијан РедингФотографија: European Union, 2010

Вивијан Рединг, потпретседател на ЕК и еврокомесар задолжен за фундаменталните права, попладнево порача дека борбата против дискриминација е една од главните борби кои Европската комисија има намера да ги води рака под рака со Советот на Европа има намера да ги води.

Пристапувањето на ЕУ како правно тело кон повелбата, како и креирањето портфељ за човекови права во ЕК е показател за се‘ поистакнатата потреба на паневропските организации да се фокусираат на основните права.

„Побарав од министерот да ја забрза работата за елиминирање на сите пречки кои стојат на нашиот пат. Не навлеговме во деталите, но дискриминацијата беше една од темите за кои разговаравме“, рече Рединг по средбата со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

Милошоски, вчера доцна попладне (19.07.2010) на средбата со Рединг разговарал за претседавањето со Советот на Европа и за пристапувањето на Европската унија кон Повелбата за човекови права. Македонија дала гаранции дека овој проект ќе биде еден од нејзините приоритети во Стразбур.

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister
Антонио Милошоски: Законите и нормите имаат две страниФотографија: Dragan Todorovski

Комесарката Рединг и ЕК минатата недела дадоа финансиска поддршка за првата европска геј парада во Варшава. Во колумна објавена на „ЕУ Обсервер“ викендов, Рединг порачува дека токму хомофобијата е еден од последните ѕидови кои мораат да се урнат како во Западна, така и во Источна Европа.

Дали Македонија со Законот за антидискриминација брани вредности кои не се преточени во нејзиното законодавство?

Милошоски вели дека не е важна директивата, туку е важен нејзиниот дух:

„Законите и нормите имаат две страни. Едно е пишаната норма, хартијата, а другото е почитувањето и имплементирањето на некои вредности. Можам тука да споменам други закони кои не се именувани како антидискриминациски. Сметаме дека општеството има развиено добри механизми за спроведување на вредностите и даваат заштита за сите групи или луѓе кои би биле на кој било начин загрозени со диксриминација.“

Европската Комисија инсистира на заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација. На вчерашната средба со комесарката Рединг не станало збор за националното законодавство. Но, едно е сигурно, преточувањето директиви во национално законодавство е обврска на земјите членки и кандидати токму затоа што тие водат кон промена на менталитетот. Духот на директивите на ЕК ќе се почитува само доколку тие директиви станат реалност на хартија.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска