1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Електронскиот катастар дава надеж

3 јуни 2010

По двегодишни подготовки, во Скопје почна да функционира новиот систем за електронски катастар, со кој на граѓаните им се овозможуваат побрзи, транспарентни и поефикасни услуги.

https://p.dw.com/p/NgI9
Состојбата на имтотите ќе може полесно да се проверуваФотографија: AP

Досега граѓаните главно беа незадоволни од услугите што ги добиваа од Агенцијата за катастар на недвижности. Дел од нив и сега го велат истото. Турканици пред шалтерите, неинофрмираност што, каде и како да се побара, враќање на клиентите.

Средновечниот Златко вели дека веќе една година ги посетува шалтерите на катастарот и се уште го нема извадено потребниот документ за нивата во месноста Орман, крај Скопје. Вели секоја посета е поврзана со многу нервози. „Во катастарот не ми се допаѓа што многу се чека. Никој не ти кажува ништо. Еден документ се вади за 10 дена, но за друг не знаеш каде да се обратиш. Со еден збор те тераат да изгубиш волја.“

Новиот систем ќе покажува кој го кочи предметот

Skopje,Ulica Makedonija
Граѓаните се надеваат на полесен пристап до потребните информации околу имотитеФотографија: DW

Идејата за новиот електронски катастар е добра, затоа што треба да ги олесни процедурите на шалтерите во Агенцијата. Ќе се знае кој, кога и каде го примил барањето за некаков катастарски документ, кој од службениците го работел, каде се појавила пречка, доколку ја има, кој го кочи предметот и на крајот кој ќе одговара за грешките. „Новиот систем значи безбедност на податоците во новата база на податоци, стабилност на системот, скратекување на процедурите во катастарот. Ова ќе придонесе за побрзо решавање на проблемите и граѓаните ќе добиваат поквалитетна услуга“, вели раководителот на скопскиот катастар Славче Трпески.

До крајот на следната година насекаде е-катастар

Во иднина увидот за катастарските документи ќе може да се прави и преку Интернет. Со посетата на интернет-сајтот на катастарот ќе може да се види во каква состојба е имотот, дали е во градежна парцела, дали е под хипотека, дали има имотен лист, но и дали има злоупотреби. „Овој систем ни дава можност за надградба, како што се услугите на нотарите кои по електорнски пат можат да ја најават промената на сопственоста, а ние да ја евидентираме. Сето ова се прави со цел да се упростат или намалат движењата на граѓаните од институција до институција“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Љупчо Ѓеорѓиевски.

Надлежните во Катастерот се убедени дека проектот многу брзо ќе ги покаже сите свои предности, а и првите искуства на граѓаните се позитивни. Целиот проект чини 320.000 евра, а идејата е до крајот на следната година сите општини да добијат електронски катастар.

Автор: Сашко Димовски

Редактор: Трајче Тосев