1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Емануел Макрон на големи маки

Катрин Мартенс
3 септември 2018

Францускиот претседател ги покажува првите знаци на слабост. Неговите реформи се отфрлаат, министерот за животна средина го напушта, а телохранителите му се тепаат... Макрон е под притисок и тоа е лошо за неговиот проект

https://p.dw.com/p/34CMe
Frankreich Paris Proteste gegen Macron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Mori

Слаткото, летаргично лето измина. Французите се враќаат од годишни одмори. Многу продавници по подолго се време се повторно отворени. Метрото е полно, а на децата им почна учебната година.
Помина и политичката толеранција со која Французите се однесуваа кон својата влада. Тие со нова енергија и острина сега ја следат политиката на Елисејската палата. Тоа најмногу на своја кожа го чувствува претседателот Емануел Макрон. Неговото лето не беше слатко и летаргично- туку бурно. Се започна со аферата со неговиот телохранител Александар Бенал. Французите беа вознемирени од тоа што еден службеник на Елисејската палата може да примени сила на улица без последици.
Според политологот Жером Сен-Мари од парискиот институт за истражување на јавното мислење „ПолингВокс“, тоа уште еднаш го покажува авторитарниот стил на Макрон поради кој тој ја губи популарноста во испитувањата на јавното мислење. „Убавите времиња поминаа. Многу гласачи сега со недоверба гледаат во својот претседател. Тоа е новина“, вели Сен-Мари.

Интервју на Макрон за ДВ/АРД

Според тие испитувања, дури 59 отсто од Французите се незадоволни од својот претседател. Она што треба да го загрижи Макрон е дека критиките не доаѓаат само од неговите политички противници. Три четвртини од неговите гласачи се незадоволни и тоа поради: цврстата рака во политиката кон синдикатите, намалувањето на субвенциите за домување, намалување на бројот на вработени во железницата.

Европска офанзива на шарм

Претседателот, кој во моментов се наоѓа на патување низ Европа, доживеа дополнителен удар и од Никола Ило, министерот за животна средина, кого Макрон го претставуваше како ѕвезда. Макрон веќе посети 16 земји-членки на ЕУ. Последни меѓу нив беа Данска и Финска. Целта на сеопфатната европска турнеја беше придобивање на гласачите за европските избори кои се одржуваат во мај следната година. Политичката амбиција на Макрон е да ги сведе гласачите на два табора: националисти и прогресивци.
Според аналитичарот Бруно Котре од центарот „Цевипоф“, Макрон сака да ги подели европските десничари и на крајот со својата партијата Републиката напред да се појави како единствена алтернарива и својот успех да го повтори на европско ниво.
Но францускиот претседател ни оддалеку не поминува во Европа онака како што посакува. Напротив, експертите, меѓу нив и Оливие де Франс од аналитичкиот центар ИРИС, забележуваат силен отпор кон Макрон на европско ниво. Покрај Чешка и Австрија, и Унгарија на Орбан веќе подолго време негуваат остар евроскептичен тон.

Frankreich, Plevenon: Präsident Emmanuel Macron und Nicolas Hulot
„Не сакам веќе да лажам“, со тие зборови Ило го напушти МакронФотографија: picture-alliance/B. Eliot

Европски десничарски фронт

Дополнителен ветар в грб на унгарскиот премиер му дава и фактот дека со него е и Италија, една од земјите основачи на ЕУ. Дури може да се прогнозира дека и либерална Шведска на претстојните избори јасно ќе сврти кон десно. „Емануел Макрон не се соочува само со неколку проблематични земји, туку со комплетно нов став во Европа“, вели Котре.
Макрон во моментов нема многу истомисленици. Во четврток во Париз тој се среќава со германската канцеларка Ангела Меркел која се смета за негов сигурен партнер. Заедно сакаат да промовираат реформски идеи, како што е на пример заедничката одбрана на ЕУ.
Котре е уверен дека изборите за Европскиот парламент ќе ги одлучува прашањето за миграциите. Затоа, смета овој аналитичар, Европа не треба да биде изненадена доколку партијата на Макрон не мине добро на европските избори, туку- за разлика од претседателските избори во Франција- многу добар резултат забележи неодамна преименуваниот Национален фронт. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде преран крај на француското и макроновото лето.