1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

061009 Entwicklungsländer Grüne Technologien

7 октомври 2009

Некои земји во развој прескокнуваат цели технолошки ери и воведуваат изуми што се вбројуваат во најнапредните и кога се во прашање богатите индустриски земји. Тоа може да се случи и на полето на енергетиката.

https://p.dw.com/p/K0ee
Готвење со соларна енергија во ЗимбабвеФотографија: picture-alliance / dpa

Нашиот, 21 век, очигледно ќе го карактеризира промената на климата, како и растечкиот недостаток на природни ресурси. Притоа, изворите на енергија ќе играат клучна улога, смета Мартин Кајзер, раководител на делегацијата на Гринпис на преговорите за климатските промени што во моментов се водат во Банкок: „Борбата за водечката улога на полето на обновливите енергии почна одамна. Германија е предводник за тие технологии, но моментално и САД вложуваат огромни средства за да го надополнат заостанувањето. Огромен интерес за воведување на овие технологии има и кај земјите во подем, како Кина. Тоа е навистина голем бизнис!“

Клуч за иднината

Сите експерти се согласуваат со оценката дека технологиите за користење на обновливи енергии наместо фосилните извори ќе го карактеризираат патот кон иднината. И како што имаше скок на полето на комуникациите, така ќе има и скок на полето на енергијата, а со тоа и во целото стопанство, вели Херман Шеер, еден од иницијаторите на Меѓународната агенција за обновливи енергии, ИРЕНА: „Тоа е следната голема техничко-индустриска револуција, која ќе биде уште подалекусежна од онаа на полето на информатичката технологија, а која се’ уште е во тек. И тоа е голема шанса да се интензивира индустрискиот развој на ниво коешто не е веќе можно со досегашните извори на енергија, не само затоа што им се гледа крајот, туку и затоа што имаат големо штетно влијание врз околината и со тоа предизвикуваат големи економски штети.“

Solarenergie in Marokko
Електрична енергија од соларни ќелии во МарокоФотографија: TotalFinaElf

Исчекорот кон нови технологии веќе се случува и во земјите во развој, смета раководителот на Еколошката програмата на ОН, Ахим Штајнер. „Можам да си замислам сличен скок како на полето на мобилната телефонија. На пример, во Кенија моментално се поставуваат оптички кабли, во земја во која немаше ни обична мрежа за снабдување со струја.“

Оптички кабли во Кенија

Штајнер појаснува дека владата на Кенија инвестира во создавање и на огромни постројки за користење на енергијата на ветерот, така што за 10 години земјата би можела да ги задоволува комплетните потреби по енергија без испуштање јаглерод-диоксид. Но, тој исто така нагласува дека за овие постројки, како и за оние за користење соларна енергија, се неопходни големи инвестиции. Добрата вест е дека нивните цени се во постојано опаѓање, зашто се стабилизира новата технологија и расте бројот на произведени постројки. Така, за некои региони денес веќе е поисплатливо да инвестираат во децентрализирани извори на обновливи енергии, како ветерот и сонцето, отколку во старите технологии со големи централи и електродистрибутивни мрежи на национално ниво. Тој тренд го намириса и Кина, посочува Јирген Мајер од Фондацијата за екологија и развој. Според неговите податоци, Кина игра водечка улога на полето на соларната енергија, а има и најамбициозна програма за постројки што го користат ветерот. Кинезите дури имаат и сопствени производители на соларни ќелии и ветерници за производство на електрична енергија.

Автор: Хеле Јепесен / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска