1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епидемија

28 август 2019

Дури и класификацијата на медиуми и лажни медиуми да успее (во што сериозно се сомневам), зарем навистина мислиме дека на „лажњациве” воопшто им е гајле дали ние ги нарекуваме медиуми или не? Пишува Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3ObnU
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Пробивот на лажни вести и пропаганда секаде во западната цивилизација добива епидемиски размери. Никој изгледа дека нема вистински одговор како да се заштити јавноста од масовниот напад на пропаганда и невистинити информации, кои некаде имаат дури и суштинско влијание на многу важни светски текови, како на пример изборите во САД, Брегзит и слично, што станува огромен светски проблем, а притоа да се заштитат основните права на медиумите за откривање и објавување информации.

Нема едноставен одговор. Ниту една опција не е совршена, во основа поради мимикријата на пропагандата и лажните вести како вистински. Поради својата природа (а таа е да влијаат на популацијата која е подложна на влијание), пропагандата прави камуфлажа - ја прикрива својата лага во околина на вистини. Така, лажните портали и квази медиумите се поставуваат како вистински медиуми и новинари, за да можат да ја продаваат својата приказна. Но, оваа мимикрија има и еден дополнителен бенефит. Скриени помеѓу вистинските новинари и медиуми, овие пропагандисти се безбедни: кој било обид за чистење или справување со проблемот веднаш се толкува како напад на медиумската фела, како напад на слободата на изразување.  Така, парадоксално, најголеми заштитници на лажните пропагандисти стануваат токму новинарите, токму оние чија професија „лажњациве” ја уништија.

Зошто лиценцирањето нема да функционира?

Затоа, првата опција за борба против лажните вести, а таа е во академската литература, на еден или на друг начин, поврзана со одвојувањето на „легитимните” од лажните медиуми, мислам дека нема да функционира.  Прво, таму нема јасна црно бела линија, често легитимни медиуми имаат понекогаш пропагандни елементи и обратно - лажни медиуми имаат и понекоја објава на легитимна вест. Потоа, едните преминуваат во другите, и обратно, постојано. Не постои јасен и чист механизам за нивно разграничување. Затоа се невозможни обидите за лиценцирање, на пример. Прво, тие функционираат само за најтрадиционалните медиуми (ТВ) каде постои смислата за лиценца. Лиценците се невозможни дури и кај печатените медиуми, за дигиталниот простор и да не зборуваме. Оттаму, кој било обид за лиценцирање, или правење регистри, или какви било други списоци на лажни наспроти легитимни, нема да успее, зашто ниту се универзално решение, ниту пак постои јасна граница. Второ, ваквите обиди носат ризик од револт од легитимната новинарска фела, која е, со целото право, алергична на списоци, лиценци, прагови, регистрации и дозволи за емитување. Сите тие прагови се помали или поголеми пречки за медиумите да излезат на слободен пазар, па со тоа и ограничување на правото на слободна мисла и реч. Оттаму, каква било јасна диференцијација е невозможна и недемократска. Тој механизам нема да функционира.

Зошто механизмот на плурализам нема да успее?

Вториот механизам кој науката го предвидува е пазарниот механизам на плурализам. Теоријата оди вака: има еднаков број на засегнати страни од секое можно гледиште, и нивното спротивставување создава сумарно влијание еднакво на нула. Според оваа теорија, како што се појавуваат лажни медиуми кои застапуваат, да речеме, руско влијание, така паралелно, или ќе се појават медиуми кои застапуваат прозападна влијание, или останатите медиуми ќе ја сменат својата агенда за сумата да биде нула. Со тек на времето, пазарот ќе ги препознае медиумите од пропагандистите и овие вториве ќе изумрат. Исто така проблематично во 21 век. Механизмите за корекција во теоријата на плурализам едноставно не се доволно брзи за промените кои ни се случуваат дневно, понекогаш и неколкупати на ден.

На крајот, ако решението е да воведеме лиценци за медиуми, каде некое регулаторно тело ќе одлучува кој смее, а кој не смее да ја информира јавноста, или ако решението е да продуцираме еднаков број на контрапропагандни медиуми, не сме завршиле работа. На крајот, дури и класификацијата на медиуми и лажни медиуми да успее (во што сериозно се сомневам), зарем навистина мислиме дека на „лажњациве” воопшто им е гајле дали ние ги нарекуваме медиуми или не? Еве ние ќе ги прогласиме за нелегитимни, ќе се стресе јавниот дискурс. Утредента тие ќе продолжат со работа, сега нема да се нарекуваат медиуми, туку портали, блогови, информативни центри, или што и да е, повторно ќе го прават истото што го правеле и дотогаш, публиката ќе ги чита, агрегаторите на вести ќе ги пренесуваат...и „шу праиме сега”?

Зошто одговорноста за јавно искажаниот збор има шанси?

Оттаму, единствен механизам кој има шанси да профункционира е воведување и спроведување на принципот на одговорност за јавно искажаниот збор. Тоа е единственото нешто кое не е ограничувачко, претставува универзален принцип, а е неопходен и доволен услов за дистинкција помеѓу новинарство и пропаганда. Под промоција на одговорност има неколку елементи. Првиот е принципот на атрибуција како првична, јавна одговорност. Секој кој учествува во јавниот дискурс мора да се легитимира, потпише, најмалку на ниво на редакција. Јавноста има право да знае кој е одговорен за јавно искажаните зборови во секој медиум. Тука не мислам само на импресум или на формата на главен и одговорен уредник. Тука мислам и на блогови, агрегатори на вести, и други дигитални платформи. Прво правило е јавно искажаниот збор да има атрибуција - потпис. Второ, мора да се засилат механизмите на оштетените да ги остварат своите права.  Знам дека фелата ќе се побуни, во страв на цунами од тужби, ама тоа не е ништо друго освен воведување на реципроцитет. Ако функционерите и јавните личности треба да знаат дека се под лупа на јавноста, и да сметаат на тоа, истото треба да важи и за оние кои со една колумна можат да им ја урнат кариерата. 

Други колумни од авторот:

Валпургиска година

За расплетот во третиот чин

Затоа не можам до крај да се согласам со повиците на фелата да не се тужат новинари. Секој смее да тужи секого ако некој му нанел реална штета. Напротив, бидејќи стана ерес да се тужат новинари, судовите кај нас имаат многу малку пракса во тој дел, па не знаат ни како да ги заштитат новинарите од тужби, да не зборуваме за тоа како да ги заштитат оштетените. А со мантрата дека „медиуми не се тужат” пропагандистите имаат сигурна амнестија. Оваа мантра доаѓа од новинарската фела, која секако, можеби со право, се плаши дека тужбите ќе станат алатка за цензура. Но имајте предвид дека и обратното станува вистина - без корекции и одговорност, новинарите не треба да се грижат дали нивната објава има блага врска со вистината, а тоа е поголема штета. Исто така, кога се убедуваме дека нивниот опсег на делување треба да биде поширок и не толку оптоварен со проверки, новинарите понекогаш се кријат зад синтагмата „јавноста има право да знае”, па оттаму извлекуваат еден корпус права дека подобро да ја нарушиме приватноста одошто да цензурираме. Ама таа дефиниција не е целосно точна. Вистинската дефиниција е „јавноста има право да ја знае вистината”. Ако она што го објавувате не е вистина, тогаш пропаѓа и корпусот права врзани за јавноста на предметот на објава. Ако некого наклеветите приватно, тој има право да тужи, ама ако го наклеветите јавно, не? Од кога новинарската пропусница стана значка за „дозволено шпекулирање”, беџ за „кого удрам, не жалам”?