1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП е на прагот, а Германците имаат доволен повод за загриженост

7 јуни 2004
https://p.dw.com/p/AenP
Капитенот Кан по поразот
Капитенот Кан по поразотФотографија: AP

... особено по она што го прикажа националната селекција на генералната проба против Унгарија – доживеан е пораз од 2 спрема 0 од репрезенатција на земја кој одамна го загуби својот фудбалски сјај, и притоа дури 22-ца од кандидатите го откажаа настапот на овој натпревар! Сепак, и со така “скрпен тим” новиот селектор на Унгарија, некогашниот германски ас Лотар Матеус, им одржа лекција на светските вицешампиони во првото полувреме. Средбата, освен тест за европското првенство, имаше и славенички карактер – со неа беа одбележани 50 години од “чудото од Берн”, кога Германија ја освои својата прва титула светски првак во фудбал совладувајќи го во финалето големиот фаворит, тогаш славната генерација на Унгарија. Тоа беше повод меѓу присутните на до крај исполнетиот стадион во Кајзерслаутерн да бидат и претседателите на двете земји Јоханес Рау и Ференц Мадл. Истовремено, Руди Фелер го одбележа 50-иот натпревар како селектор на репрезентацијата на Германија. Но, изостана вистинско славје, а наместо тоа се наметнаа многу грижи. За прв пат Германија е поразена од Унгарија на свој терен по полни 19 години, а дури 26 години немаше загубено на генерална проба пред некој голем настан – од поразот од Шведска со 3 спрема 1 пред светското првенство во Аргентина 1978-ма. Еден меѓународно непознат 19-тогодишник, Шандор Торгеле играч на МТК од Будимпешта, со головите во 7-та и 31-та минута им ја запечати судбината на германските избраници.

Германската селекција демонстрира изразити слабости во одбраната и средниот ред: многу грешки и некоординираност ја карактеризираа играта на одбранбениот ред, недостиг од комбинаторна игра и мноштво неточни додавања беа белег на средниот ред. Оттука, во првиот дел практично не беше изработена ниту една гол-шанса. Селекторот Руди Фелер во почетниот состав внесе три измени во однос на тимот кој пред неколку дена ја совлада Швајцарија со 2 спрема 0, но тоа не донесе квалитет.

“Проблемот беше во тоа што играта не започна позитивно. Ние очекувавме нешто да покажеме, но тоа недостасуваше на почетокот. Јас го предупредував тимот во последните денови. Очигледно нешто не е како што треба. Но, сево ова е дел од спортот”, оцени Фелер.

Во вторто полувреме селекторот им даде шанса на играчите што од селекцијата до 21-на година ги прекомандува во првиот тим, 19-годишните Бастијан Швајнштајгер од Баерн Минхен и неговиот врсник Лукас Подолски од Келн, дебитанти број 25 и 26 во ерата на Фелер, 828-от и 829-от играч кој се појавиле во дресот на репрезентацијата воопшто. Играта нешто се подобри, дојдоа и гол-шанси, но Бобиќ, Брдариќ и Балак не донесоа резултатски пресврт. Патем, Луакс Подолски со 19 години и два дена е трет најмлад дебитант воопшто – само Уве Зелер и Олаф Тон беа помлади кога го облекоа дресот со државниот грб.

До натпреварот со Холандија, првиот противник на германскиот тим во Португалија, остануваат само 9 денови за Фелер нешто да поправи, ако може да се поправи. Голманот Оливер Кан капитенски се обидува да внесе мир: “Ние не игравме добро и го знаеме тоа. Но, ова не треба сега да го преценуваме – тоа би била најголемата грешка што можеме да ја направиме. Зашто, засега се‘ е на нула, се‘; Холанѓаните се‘ уште немаат ни бод, ние немаме, Чесите исто така. Дури сега работите вистински започнуваат. Ние едноставно мораме погледот да го упатиме напред”, рече по синоќешната средба Оливер Кан.