1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Македонија да се врати на европски колосек

Тони Гламчевски27 февруари 2013

Европратеници од различни групи во Европскиот парламент денеска (27.02) излегоа со заедничка декларација во која бараат итно решавање на политичката криза во Македонија.

https://p.dw.com/p/17mUu
Фотографија: Picture-alliance/dpa

Ричард Хауит (од групата на европските социјал-демократи), заедно со известувачите во сенка Едуард Кукан (Европски народни партии), Норика Николај (Алијанса на либералдемократи), Марие Корнелисен (групата на Зелените), Чарлс Тенок (Европски конзервативци и реформисти) и Хелмут Шолц (Европски обединети левичари/Нордиски зелени левичари), во декларацијата ја образложуваат нивната одлука да го одложат гласањето на етапниот извештај за напредокот на Македонија во 2012 година, донесена при расправата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

„Како убедени поддржувачи на приклучувањето на БЈР Македонија на Европската унија, ние ја изразуваме нашата длабока загриженост во врска со политичкиот застој и настаните од 24-ти декември. Имајќи ја предвид неспорната амбиција на земјата да продолжи кон членство во ЕУ, ние ги повикуваме сите политички лидери да продолжат со значаен политички дијалог, да стават крај на ќорсокакот и да ја вратат земјата на вистинскиот пат на процесот на интеграцијата“, се вели во декларацијата.

Во нејзе претставниците на политичките групи на ЕП нагласуваат и дека земјата се наоѓа во клучен период:

„Благодарејќи на една смела политичка акција во деновите што следат, БЈР Македонија има шанса да ја искористи видливата историска можност и да направи значаен чекор во процесот на пристапување во Унијата. Сепак, неможноста да се постигне брзо излез од ќорсокакот, може да има негативни и делекусежни последици со потенцијал да му наштетат на процесот на европска интеграција во годините што следат.“

Европратениците од македонските политичари бараат да ги остават личните и партиските интереси и да ги поддржат виталните интереси на земјата:

„Во овој критичен момент, политичките партии мора да ги остават на страна партиските и личните разлики со цел - поддршка на виталните интереси на земјата. Тоа е она што граѓаните на оваа земја го очекуваат и заслужуваат. Имајќи ги предвид најдобрите интереси за ЕУ-интеграцијата на БЈР Македонија, Комисијата за надворешни работи даде поддршка на нашиот предлог да се одложи гласањето за извештајот на Европскиот парламент и да им даде шанса на политичарите во земјата да најдат начин за излез од последниот застој во ова клучно време. Ние ја повторуваме нашата убеденост дека иднината на БЈР Македонија е во ЕУ и ја потврдуваме нашата подготвеност за поддршка на земјата на нејзиниот пат кон членството“, се вели на крајот од декларацијата на европратениците, задолжени да го следат напредокот на Македонија.