1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: нова стратегија за проширување со истите услови

Тони Гламчевски25 април 2012

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент вчера (25.04.2012) го разгледа извештајот на грчката европратеничка Мaрија Елени Копа за Политиката и условите за проширувањето и стратегиските интереси на ЕУ

https://p.dw.com/p/14kUH
Фотографија: AP

Дваесет години по самитот во Копенхаген, Европскиот парламент смета дека е потребно општо преиспитување на условите за прием, на воспоставените процедури и на политиката за проширување во целина, но сепак копенхагенските критериуми „треба да останат срцето на политиката за проширување“.

Во првата расправа што се водеше во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, по овој стратегиски документ беше нагласено дека „проширувањето мора да остане кредибилен процес“ и „затоа е значајно ЕУ да ги исполни своите дадени ветувања и да создаде услови кои ќе осигураат дека идните проширувања ќе бидат успешни“.

Новите проширување за ЕУ не се за утре

Во разговорот за Дојче Веле, грчката европратеничка Марија Елени Копа која го подготви и предложи овој документ, на прашање зошто стратегијата оди до 2025 година, вели:

„Бидејќи сега знаеме дека по ова проширување кое е пред нас, за земјите кои сега се кандидати, тоа нема да се случи утре, бидејќи има внатрешни проблеми или проблеми со соседите. Затоа треба да се гледа долгорочно на овај процес. Фундаменталното прашање кое го поставува мојот извештај е дали сме за или против проширувањето. Има политички сили, па дури и овде во ЕП кои се против проширувањето. Потребно е да им се испрати јасна порака на заинтересираните земји за проширувањето, дека европскиот парламент се залага за проширувањето, посебно за земјите од Балканот за кои нема ‘идеолошко’  спротивставување, што не случај со Турција.“

Во извештајот се нагласува дека изгледите за прием во ЕУ имаат „значајно влијание врз социјалниот, политичкиот, економскиот и културниот пејзаж во земјите кои сакаат да се приклучат и претставуваат моќен поттик за спроведување на потребните политички, економски и правни реформи“. И со самото тоа влијаат на „зајакнувањето на мирот, стабилноста и помирувањето засновано на добрососедски односи“.

EU-Parlament in Straßburg
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: Christian Lutz/AP/dapd

Без нови додатни услови за земјите кандидати

Од земјите членки и од ЕУ, кои извлекоа полза од процесот на проширувањето е побарано да го одржуваат моментумот на процесот за проширување со повторното потврдување на европската перспектива на секоја од земјите кандидатки или потенцијални кандидатки. Тие треба да се оценуваат според исполнетите критериуми и да не се воведуваат за нив „нови повисоки стандарди од оние што се применуваат веќе во ЕУ“.

„Често имаме впечаток дека се бара многу од земјите кандидати. Нешта кои не се спроведуваат ниту од земјите кои се веќе членки на ЕУ. Тоа не значи дека стандардите ќе бидат намалени“, нагласува Копа.

Секоја земја-кандидат според заслугите

Во резолуцијата што таа ја предложи се повторува добро познатиот став на ЕП секоја земја биде оценувана и напредува според заслугите.

„Тоа сега е европска политика, која повеќе не сака датуми, бидејќи за Романија и Бугарија утврдивме датум - 2007, а тие земји не беа вистински подготвени да влезат во ЕУ“.

„Инсистирам да не се зборува индивидуално за земјите кандидати. Но треба да се поздрави инцијативата на комесарот Филе за дијалогот на високо ниво, затоа што нивната цел е создавање „свежа динамика во реформскиот процес и се нагласува дека тие иницијативи на никој начин не смеат да ги заменат формалните преговарачки процедури“.

Самитот на НАТО можност за деблокирање на прашањето со Македонија

Марија Елени Копа преку нацрт резолуцијата бара „билатералните проблеми да не се пречка ниту да се користат како пречка во процесот за прием во ЕУ“, притоа таа појаснува:

griechische Eu-Parlamentarier Maria Eleni KOPPA
Марија Елени КопаФотографија: EP

„Тоа повеќе е желба да се каже дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка, но реалноста покажува дека прашањето на добрососедството е сеприсутно. Затоа се посакува проблемите да бидат решени претходно пред влегувањето.“

Кога ја запрашавме дали е оптимистка дека конечно ќе се деблокира прашањето со Македонија од страна на Грција, на престојниот самит на НАТО, Марија Елени Копа одговори:

„Да јас сум оптимистка. Тоа е рамка која дава можности за приближување. Сите ние имаме интерес да оваа земја биде вклучена во европските и атлантските институции, поради стабилноста на Европа и обединувањето на регионот. Самитот на НАТО ја дава таа можност, да се надеваме дека ќе имаме нешто конкретно таму.“ 

Во расправата по извештајот и нацрт резолуцијата беше поздравен новиот преговарачки пристап во кој се дава приоритет на прашањата поврзани со судството и фундаменталните права, како и правдата и внатрешните работи.