1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: “Треба да се зајакне Охридскиот договор“

Тони Гламчевски16 март 2006

Европратениците ја поддржуваат стратегијата на Европската комисија за проширувањето на ЕУ, особено делот дека мора да постојат „правични, строги и јасни услови“ врз кои ќе се потпира секоја фаза од преговорите со земјите-кандидати, со предлог - преговорите да бидат прекинати ако бараните услови не се исполнети, но и да се земат предвид капацитетите на унијата за апсорпција на нови земји членки.

https://p.dw.com/p/Adej
Уште колку години до Европа?
Уште колку години до Европа?
Усвоената резолуција за стратегијата за проширување на Европската Унија, отвора врата за развивање на Европскиот економски простор, во кој покрај дваесет и петтемина, членуваат уште Норвешка, Лихтенштајн и Исланд. Во овој простор, привремено или долготрајно, можат да се најдат сите земји кои сонуваат да станат членки на Европската Унија, на краткорочен план, како и оние кои просто никогаш не ќе станат членки на Унијата.

Ова важи и за земјите од Балканот, на кои европратениците предлагаат да им се понудат различни проекти за приближување кон Европската Унија. Како на пример царинска унија, долго време пред членството на регионот во Европската Унија да стане реалност.

Од земјите од Западен Балкан се бара „промовирање на регионалната соработка, посебно во етничкото и религиозното помирување, прекуграничната соработка, слободното движење на лица и борбата против организираниот криминал. Меѓу другото се бара и создавање на зона за слободна трговска размена, делење на природните ресурси, за што Европската комисија би помогнала преку различните форуми во процесот на регионалната интеграција.“

Европарламентот во усвоената резолуција ја поддржува препораката на Европската комисија да и се додели на Македонија статус на земја-кандидат за членство. Притоа, се оценува дека кандидатскиот статус е „заслужено признание“ за земјата поради целосното спроведување на Охридскиот договор, создавање стабилна, демократска и мултиетничка држава, реформирање на правосудните и на полициските структури, како и за воспоставување ефикасна пазарна економија.

ЕП укажува дека во Македонија треба да се посвети значително внимание на развојот на понатамошните стратегии за зајакнување на Охридскиот договор, односно за идната стабилност на државата.


Европратениците изразија задоволство за напредокот што земјата го постигна во ускладувањето со стандардите и законодавството на ЕУ. Истовремено се изразува и загриженост поради пропустите, особено на подрачјето на слободниот проток на стоки, законот за интелектуална сопственост, политиката на конкуренција и финансиската контрола.

Од Македонија се бара да ги зголеми напорите, посебно во секторот на правосудството и внатрешните работи.

Од Стразбур е испратена и препорака до Македонија да се спроведат сите препораки кои се однесуваат на идните парламентарни избори, односно дека е потребно да се гарантира дека изборната комисија и другите изборни органи ќе делуваат независно од сите политички мешања, земајќи ги предвид интересите и идеите на секоја политичка партија.

Во резолуцијата, ЕП ги повика Македонија и Грција во најскоро време да пронајдат решение за прашањето со името на Македонија. Притоа се додава дека тој проблем не претставува пречка за европската интеграција на земјата.

Дека некои работи се менуваат во Европскиот парламент околу проширувањето сведочи, усвојувањето на принципот дека " Не треба да биде прифатена ниту една нова земја- членка пред да бидат ставени на располагање потребните буџетски средства“. Ова, со оглед на ќор-сокакот во кој се наоѓа ратификацијата на Европскиот устав, што ја спречува ЕУ да го зголеми својот капацитет за прием на нови земји членки ".

Јелко Кацин, словенечки европратеник од редовите на либералите и демократите, во изјавата за Дојче Веле го релативизира овај приницип: „Тоа е пред се притисок за политички да се договориме и да не чекаме, туку да најдеме начин како да се надмине сегашната институцинална блокада.

Со усвоената резолуција, „сега на Македонија и се пружа шанса, самата да се докаже. Јас мислам дека Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите, но Унијата сигурно ќе го почека резултатот од изборите пред да ја донесе одлуката“ нагласува словенечкиот европратеник.