1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП ќе изработува нова резолуција за проширување

Александар Методијев 23 април 2012

Грчката европратеничка Мaрија Елени Копа преку нацрт резолуција за проширувањето на ЕУ бара билатералните проблеми да не се пречка за прием во ЕУ. За финалната верзија се гласа во јули.

https://p.dw.com/p/14jWu
Фотографија: Christian Lutz/AP/dapd

Во предлог резолуцијата на грчакта европратеничка Марија Елени Копа, за која комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент треба утре да расправа, се бара „билатералните прашања да не претставуваат ниту да се користат како пречка во процесот за прием“ во ЕУ. Во документот за проширувањето на ЕУ исто така се нагласува дека „пристапните преговори не би требале да се користат за стекнување предност во финалните договори на таквите прашања“.

Текстот на предлог резолуцијата укажува и дека „помирувањето меѓу различните народи и воспоставувањето на добрососедски односи меѓу земјите придонесува за одржлив процес на евроинтеграции и е од клучна важност за процесот на проширување“.

griechische Eu-Parlamentarier Maria Eleni KOPPA
Репортер пред комитетот за надворешни работи на ЕУ е грчката европратеничка Марија Елени КопаФотографија: EP

Европратеничката Копа во текстот на резолуцијата забележува дека „проширувањето мора да остане кредибилен процес“ и оти „поради тоа е значајно ЕУ да ги исполни своите дадени ветувања и да создаде услови кои ќе осигураат дека идните проширувања ќе бидат успешни“.

Во документот се поздравуваат иницијативите како позитивната агенда за Турција или пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија, затоа што нивната цел е создавање „свежа динамика во реформскиот процес и се нагласува дека тие иницијативи на никој начин не смеат да ги заменат формалните преговарачки процедури“. Европратениците го поздравуваат новиот преговарачки пристап во кој се дава приоритет на прашањата поврзани со судството и фундаменталните права, како и правдата и внатрешните работи. Со резолуцијата се бара и незавиност во судскиот систем и осигурување на слободата во медиумите и на хартија и во пракса.

Повторно да се потврди европската перспектива

Од земјите членки се бара да го одржуваат моментумот на процесот за проширување со повторното потврдување на европската перспектива на секоја од земјите кандидатки или потенцијални кандидатки. Со резолуцијата се бара земјите да се оценуваат според исполнетите критериуми и се забележува дека постојат „тенденции на претерување и се препорачува избегнување барање од кандидатките и потенцијалните земји кандидатки повисоки стандарди од оние што се применуваат во ЕУ“. Грчката европратеничка Копа нагласува дека е значајно „да се постават транспарентни и фер бенчмаркови низ процесот“.

Во предлог резолуцијата стои дека „20 години по самитот во Копенхаген е дојден моментот за генерално преиспитување на критериумите за прием, на воспоставените процедури и на политиката за проширување во целина“, но подолу во истиот текст се забележува дека копенхагенските критериуми „треба да останат срцето на политиката за проширување“.

Bulgarien EU Beitritt Sofia Flagge
Билатералните проблеми да не се пречка за прием во ЕУФотографија: AP

Во документот се забележува дека изгледите за прием во ЕУ имаат „значајно влијание врз социо-политичкиот, економскиот и културниот пејзаж во земјите кои сакаат да се приклучат и претставуваат моќен поттик за спроведување на потребните политички, економски и правни реформи“, како и дека влијаат на „зајакнувањето на мирот, стабилноста и помирувањето засновано на добрососедски односи“.

Конечната верзија на резолуцијата треба да биде усвоена во јулу на пленарна седница на Европскиот парламент. Потоа, усвоената резолуција ќе биде испратена до Европскиот совет, Комисијата, владите и парламентите на земјите членки, како и до институциите во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Исланд, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.