1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Ердоган: Турција уапси сопруга на Ал Багдади

ЖА / агенции
6 ноември 2019

Турскиот претседател изјави дека турските сили во Сирија ги фатиле жената, сестрата и зетот на убиениот лидер на ИД, Абу Бакр ал-Багдади.

https://p.dw.com/p/3SZ06
IS-Chef Abu Bakr al-Bagdadi erstmals wieder in Video
Фотографија: picture-alliance/dpa/Al-Furkan

Повеќе од една недела откако поранешниот исламистички лидер на терористичката милиција Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, загина по акција на американска специјална единица во Сирија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека турските војници заробиле неколку члена на семејството на Ал Багдади.

„САД соопштија дека Ал Багдади се убил во еден тунел. Тие стартуваа медиумска кампања за тоа. Но, овде за првпат ја објавувам следната информација: ние ја уапсивме неговата жена, а не подигнавме толкава прашина како нив. Освен тоа, ги фативме и неговата сестра и зетот во Сирија“, изјави Ердоган во говор одржан на Универзитетот Анкара, без да прецизира каде и како била фатена жената на Ал Багдади.

Високорангиран турски функционер на почетокот од оваа недела изјави дека турски војници ја уапсиле сестрата на Ал Багдади, Расмија Авад, нејзиниот маж и  нивни деца кај сирискиот град Азаз. 

Türkei | Schwester von Al-Bagdadi, Rasmiya Awad, wird festgenommen
Расмија Авад, сестрата на Ал БагдадиФотографија: picture alliance/dpa/AP

Абу Бакр ал-Багдади, како што изјави американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиско обраќање до нацијата на 27. октомври, се разнел со експлозивен појас откако бил откриен од страна на американската армија во Идлиб, на границата меѓу Сирија и Турција. Со него загинале и три негови деца. Според Трамп, САД добиле голема помош за операцијата од Русија, која им го отворила воздушниот простор, и од локалните Курди. Претставник на курдската милиција во Сирија тврдеше дека нивен таен агент успеал да се инфилтрира во кампот на Ал Багдади и да му ја украде долната облека, на која бил извршен ДНК тест со кој бил утврден идентитетот на терористичкиот лидер. Според американскиот државен секретар Мајк Помпео, во акцијата на американските специјалци биле убиени и две жени на Ал Багдади.  

Повеќе: 

Курдски шпион му ги украл гаќите на Ал-Багдади

Смртта на Ал Багдади не е решение за сите проблеми

Абу Бакр ал-Багдади остави наследство од терор и смрт

Лидерот на Исламска држава Ал Багдади си го активираше експлозивниот појас

Абу Бакр ал-Багдади се прокламираше за калиф на Исламска држава во 2014 година и се сметаше за одговорен за илјадници убиства на верски малцинства на Блискиот Исток, како и за серија терористички напади низ светот.