1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерлер:општите правила на демократијата како да не важат во Македонија!?

Анила Шука18 јули 2008

Државниот секретар во германското министерство за надворешни работи, Гернот Ерлер во интервју за ДВ ја анализира ситуацијата во Македонија. Писмото на премиерот Груевски до Караманлис не зборува за готовност за компромис

https://p.dw.com/p/EeYe
Гернот ЕрлерФотографија: dpa

Општите правила на демократијата и правото на еден премиер да си избере коалиционен партнер како да не важат во Македонија, оценува во интервју за Дојче Веле, Гернот Ерлер, државен секретар во германското министерство за надворешни работи. Ерлер во него се осврна и на состојбата во Македонија по предвремените парламентарни избори, посебно во албанскиот политички блок.

„Ако малку се погледне на македонската сцена, ќе се констатира дека темата Косово не игра решавачка улога, туку побргу дека таму на албанската страна има во меѓувреме една традиција, дека од учеството во владата зависат многу привилегии за сопствените партиски членови - се’ до доделување функции, а со тоа, се разбира, и можности за приходи. Поради тоа овде прашањето која од двете албански партии ќе биде подобра на изборите и која потоа ќе биде партнер во владата игра улога која не може да се сфати. Тоа така да се каже има егзистенцијално значење за оние кои и’ припаѓаат и работат за таа партија. Поради тоа постојано има заострувања, како во предизборната борба, исто така и пред тоа, кога во владата на Груевски соработуваше ДПА, иако на изборите помина полошо, а не партијата која сметаше дека има право на тоа поради подобриот изборен резултат. Сега има нова коалиција со ДУИ и проблем со ДПА, која е разочарана, фрустрирана, незадоволна од резултатот. Ова значи дека таму има дистанца во однос на општите правила на демократијата и само по себе разбирливото право на еден шеф на влада да си го одбере коалициониот партнер и дека не е обврзан да го почитува одност на силите во рамките на една малцинска група, туку дека тоа може да го прави според политички аспекти. Се чини дека во Македонија се’ уште не е вообичаено да се респектира тоа. Врз овој проблем Македонија во секој случај ќе мора да работи и работи, за да може некогаш од кандидатскиот статус да направи и конкретна перспектива за преговори за пристап кон ЕУ“ - вели Гернот Ерлер.

Решение на спорот со името е клучно за евроинтеграцијата

За Македонија да добие термин за преговори мора да го реши и спорот со Грција околу името. На прашањето дали писмото на Никола Груевски до грчкиот премиер Караманлис, во кое бара тој да се заложи за признавање на македонското малцинство во таа земја, не значи долевање на масло во огнот, Ерлер одговара:

„Многу е сомнително дали едно такво писмо придонесува за изнаоѓање консензус со Грција. Голема е нашата надеж дека тој спор околу името било кога ќе биде завршен. Како што е познато, поради него Македонија и не доби покана за членство во НАТО. Ние, всушност, многу радо би сакале да можеме овде во Германија наредното лето, не само Хрватска и Албанија, туку и Македонија да ја поздравиме како нов член. Но, предуслов е решение на спорот за името, за што секако е потребна готовност на компромис на обете страни. А тоа писмо сега токму не е доказ на готовност за компромис“.





Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема