1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерлер: Прозорецот за решение на спорот за името е затворен

Силвера Падори-Кленке17 мај 2012

Четири дена пред самитот на НАТО во Чикаго, пратеникот во Бундестагот, Гернот Ерлер, за ДВ ги коментира проширувањето на Алијансата, и поради кризата во Грција - затворениот „прозорец“ за решение на проблемот со името.

https://p.dw.com/p/14w3Z
Фотографија: dapd

„На дневниот ред во Чикаго, темата проширување ја нема - со официјално образложение дека за планираното проширување нема доволно подготвени држави. Има повеќе аспиранти, меѓу кои е и Македонија. Но, предусловите не се исполнети, а тоа како и порано е тешката расправија околу името меѓу Грција и Македонија. Ова е причината, дотолку повеќе што решението пред Чикаго не е на повидок”, изјави Гернот Ерлер, пратеник во Бундестагот и вицешеф на парламентарната група на социјалдемократите, кој во разговор за Дојче веле ги коментира состојбите пред самитот на Алијансата во Чикаго.

Го прашуваме: толку ли за Алијансата е безначајна декемвриската пресуда на Меѓународниот суд на правдата од Хаг, која е во корист на Македонија, а беше покрената токму поради грчкото вето од Букурешт?

„Да, пресудата јасно кажа дека однесувањето на Грција од 2008. во Букурешт не беше во согласност со нејзините обврски. Но, со пресудата пречката не е расчистена. Зашто, принципот на консензус во НАТО и натаму е важечки, а проблемот со името останува, можеби не како правна, туку како политичка пречка. Во моментов, работите се уште покомплицирани поради кризата во Грција. Веројатно никој сега нема да е подготвен да направи притисок врз Грција за решавање на спорот, кога земјата пред себе има егзистенцијални прашања”, смета Ерлер.

Решението на името во втор план

Тој одговара и - дали останувањето на Македонија на неопределен рок во чекалницата на НАТО не создаде поволна почва за тероризам, чиј цех минатиот месец е наплатен со човечки животи?

Nato-Hauptquartier in Brüssel
Пресудата од Хаг во корист на Македонија не ја подигна рампата на НАТОФотографија: dpa

„Не знам дали ваквите надворешно-политички услови навистина се решавачки за внатрешните тензии. Загрижен сум од вестите од минатиот месец за случувањата во Македонија, порастот на внатрешните меѓуетнички тензии меѓу словенскиот и албанскиот дел од населението, кои доведоа до насилство. Сега одговорните, виновниците ги бараат во терористичката сцена. Тоа не се добри вести. Но, не можам да си претставам, дека има поврзаност со НАТО членството, зашто членството во Алијансата не ги подобрува, ниту оневозможува ваквите тешкотии и тензии”, коментира Ерлер.

Тој е категоричен дека постои голема заинтересираност спорот околу името конечно да се реши, истакнувајќи ги напорите на американските конгресмени кои побарале ангажман и од претседателот Обама. Но, во моментов кога Грција, а и еврозоната се целосно преокупирани со судбината на земјата, заедничката валута и големиот социјален притисок, факт е дека спорот за името е во заднината.
„Во основа прозорецот на можности, ова прашање да се реши, е затворен и сега веројатно целото внимание ќе биде насочено кон надминување на кризата во Грција”, коментира за ДВ Гернот Ерлер, пратеник во Бундестагот и добар познавач на Балканот.