1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Есен наместо лето - Германците го пцујат лошото време

ЖА/дв/дпа/афп17 јули 2012

Јакни наместо сандали, чадор за дожд наместо сончево време: дождливото време полека им оди на нерви на Германците. Најзагрижени се трговците и земјоделците.

https://p.dw.com/p/15Z16
Фотографија: picture-alliance/dpa

Милиони Германци секојдневно го доживуваат истото: сиви облаци, врнежи од дожд, проследени со ниски температури и повремено понекој час сонце. Променливото лето Германците ги држи подалеку од пивските градини и отворените базени.

Лошото време е тема и во медиумите, високотиражниот булеварски весник "Билд“ вчера осамна со наслов: „Очајнички се бара сонце“. Но, долготрајното врнежливо време не ги онерасположува само обичните граѓани, туку страда и економијата: летната облека останува на полиците, а земјоделците со загриженост гледаат кон небото пред претстојната жетва.

Празни базени, празни продавници

Загриженост и фрустрација чувствува и Томас Подејн. Раководителот на отворениот базен моментно има време на претек за поткастрување на зеленилото и косење на тревата. Тој се радува на секој посетител кој ќе се осмели да дојде во базенот. Во неделата дошле 60, во саботата само 20 посетители:

„Во нормални денови во просек имаме најмалку 600 гости, во добри денови дури и по 1200“, се жали тој.

Deutschland Wetter Wolken und etwas Sonnenschein in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поради лошото време кубури и текстилната трговија, зашто летната облека не се продава.

„Продажбата оди лошо“, вели заменикот раководител на Германскиот сојуз на трговијата со текстил, Зигфрид Јакобс за „Велт“. Последицата е заострена борба со попусти. Со почетокот на летната распродажба идниот понеделник се очекуваат натамошни намалувања на цените, иако тие се веќе спуштени.

Земјоделците стравуваат за жетвата

Многумина земјоделци се исто така загрижени и нервозни, зашто поради постојаните врнежи од дожд не можат да ја извршат жетвата. Во многу региони јачменот и маслиновата репка се зрели, но поради влагата не може да се соберат, вели Михаел Лозе, портпарол на Германското здружение на земјоделците. Според видот на почвата, потребни се два до три дена додека полињата да се исушат. Ако житото остане предолго на полињата, се заканува загуба во квалитетот.

Deutschland Wetter
Фотографија: picture-alliance/ZB

Гастрономијата исто така се жали на загуби поради лошото време.

Метеоролозите одмавнуваат со глава

Истовремено, метеоролозите неуморно уверуваат дека во Германија владее сосем нормално средноевропско лето. Имено, тоа не се карактеризира со долги сушни и топли периоди, туку со променливи температури со постојани врнежи, се вели во објаснувањето на Германската метеоролошка служба. Според мерењата, првата половина од летото била дури за 0,2 степени потопла отколку долгогодишниот просек.

Wäsche hängt auf Bügeln
Летната облека не се продаваФотографија: Fotolia/W. Wang

Но, во овој прв период од летото во просек имало 247 сончеви часови, што е само 40 проценти од просекот.

„А мнозинството летото го поврзува со топлина, а не со дожд“, истакнува медицинскиот метеоролог Кристина Копе.

Затоа на се‘ поголем број Германци им е преку нос: расте побарувачката по летни аранжмани во последна минута. Одделни туристички агенции навремено реагираат, на пример Алтурс, кој воведе дополнителни летови кон југот за да ја задоволи зголеменета побарувачка.