1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Есма Реџепова-Кралицата на Ромите во Париз

Тони Гламчевски17 јуни 2007

Есма Реџепова и Ансамблот Теодосиевски на париската сцена го опеваше егзилот, среќата и бедата на Ромскиот народ. За прв пат во нејзината кариера, во најновиот албум, таа соработуваше со францускиот музичар Тити Робин.

https://p.dw.com/p/AxSU
Животот на Ромите опеан во песните на ЕсмаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Есма е една сиромашна девојка, каде имала уште пет свои сестри и браќа, родена од Ибраим и Ќанија. Ова е песната која сум ја напишала, само кога сум имала единаесет години...“ Вака Есма Реџепова ја раскажува својата животна приказна во најновиот албум „Мојата приказна“, кој деновиве беше промовиран во Париз.

Албумот е снимен во Франција под лабелот „Accords Croisés“ и во него се наоѓаат само дваесет песни од пребогатиот репертоар на Есма. Некои од песните се со нов аранжман, „Како Hajri ma te dike“ – „Проклета да си мајко“, за што се погрижи францускиот музичар Тити Робин, кој е и гостин на албумот.

Промоцијата на албумот со трите концерти на престижната париска сцена New Morning и донесоа многу ласкави статии во водечките национални француски весници, како „Фигаро“, „Либерасион“ или „Монд“. Угледниот „Монд“ ја претставува Есма Реџепова како „Кралица на Ромите“, титула која не е измислена, пишува весникот, таа и беше доделена во Кандигар, престолнината на Пенџаб при првиот Светски Фестивал на Ромската музика во 1976 година.

Авторот на текстот во разговорот со Есма, забележал дека таа зборува како што пее, во нејзиниот поглед се менуваат насмевките и солзите. Во педесет годишната кариера таа прекина да пее само една година, по смртта на Стево Теодосивски, нејзиниот сопруг, композитор и армоникаш кој ја откри во 1956 година.

Есма, како што просто ја викаат сите, забележува „Монд“, раскажува дека во таа 1956 година на брановите на Радио Скопје - Македонското радио по прв пат се слушнала една ромска песна. „Од тогаш, Македонија стана единствената земја во која Ромите се признати. Тука имаме две приватни ромски телевизии, еден ромски градоначалник, двајца пратеници во Парламентот“, раскажува Есма во „Монд“.

Есма и Стево имаат посвоено 47 деца, нагласуваат француските весници, тие што ја придружуваат денес на сцената се дел од тоа големо семејство.

Есма не и е непозната на француската публика, нејзините песни редовно се слушаат на француското национално радио. Нејзината слава ја надмина родната Македонија, на меѓународнатa сцена се појави во 1961 во Берлин, а следната година настапи во митската париска сала „Олипија“.