1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еспресо во Трст

15 јули 2017

Изборот на Трст за самитот на ЕУ и Западен Балкан имаше голема симболика. Но, додека во Трст се пиеше прочуеното еспресо, Ципрас и Вучиќ во Солун ја обновуваа познатата трансверзала од времето на Милошевиќ и Мицотакис

https://p.dw.com/p/2gXpZ
Teilnehmer des Gipfels im Trieste über westlichen Balkan
Фотографија: DW/A. Feilcke

Има барем три симболи во фактот што годинешниов самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан се одржа во Трст. Едниот е поврзан со хедонистичкиот дел на собирот. А тоа е кафето, но не кое било кафе, туку еспресо. Пред петнаесетина години лондонскиот магазин „Економист“ истражувајќи каде во Европа може да се испие најперфектната, речиси идеална, шолја еспресо, заклучи дека местото за таквото уживање е во Трст, во неговиот италијански дом, барот Caffe Illy во стариот дел од градот. Уживањето во еспресото во Трст е како културен настан, па дури и кога нарачуваш треба да бидеш внимателен, затоа што трстјанската школа е поинаква: таму еспресото се вика nero, макијатото е capo, а капучиното е caffelatte. Трстјани сакаат да го пијат во мали стаклени шолји за да можат да уживаат во бојата на кафето.

Втората симболика е што Трст за сите држави што произлегоа од Југославија неколку децении беше прозорец кон европскиот свет. Трст беше она по што се копнееше – таму беа фармерките, таму беа патиките, таму беа конзервите кока-кола, таму беше онаа Европа која можевме да ја допреме кога ќе посакаме, на ден, два или три. Она што сега некому може да му изгледа запрепастувачки тогаш беше нормално – се качуваш во Скопје на експресниот воз од Атина до Париз, ако нема место можеш и да го престоиш половина пат во ходниците на вагоните, па преку границата кај Сежана и Вила Опичина (тоа беа двата најпознати гранични премини во СФРЈ), и ете си во Трст. Пет-шест пара фармерки за тебе и за другарите, по некое пиво и за десетина часа најмногу - пак назад во воз за Скопје. За младите балкански премиери тоа се можеби само нејасни приказни, но Босанецот Денис Звиздиќ и Косовецот Иса Мустафа, како највозрасни, можеби биле дел од трстјанските авантури. Затоа италијанската влада го избра Трст за домаќин на самитот – за преку него да покаже дека овој убав пристанишен град може да биде точка која повторно ќе не поврзува сите. 

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Комплицираната историја на Трст беше главната политичка порака дека е дојдено време да се решаваат сите проблеми на Балканот. Трст е италијански град од 1918 година, по завршувањето на Првата светска војна. Претходно, речиси шест века, уште од 1382 година беше дел од Австро-Унгарската империја и нејзино главно пристаниште. Иако мнозинството од неговите жители беа Италијанци во 19 век таму живееја повеќе Словенци отколку во Љубљана. По повеќето векови австриски космполитизам политичката приказна на Трст по 1918 година е полна со насилство, менување на словенечките и германските презимиња во италијански и вистински егзил на Словенците. Трст стана една од најсилните фашистички тупаници во Италија. Приказната од Втора светска војна е добро позната. Трст го ослободија далматинските бригади на југословенската војска; партизаните останаа таму 40 дена, но мораа да се повлечат назад затоа што сојузниците не дозволуваа ова важно пристаниште да и припадне на Титова Југославија. Тито уште тогаш ја разбра комплицираноста на високата политика, па го напушти градот за кој Словенците копнееја да биде дел од нивната нова демократска република. Со Осимскиот договор од 1975 година границите конечно се решија, заврши поделбата на Зона А и Зона Б и сега Словенија на Трст и неговата околина во заливот гледа како на завршена историска работа за која не треба да се троши преголема енергија на општеството.

Балканска приказна

Тоа е трстјанскиот амбиент со многу пораки, за помирување и брза стопанска соработка. Некои на собирот го разбраа тоа, некои не, а ниту се потрудија. Словенечкиот и хрватскиот премиер, Миро Церар и Андреј Пленковиќ, дојдоа во Трст од Љубљана каде со навидум срдечни насмевки се обидуваа да најдат излез од одлуката на Арбитражниот суд за Пиранскиот Залив. Во типично балканска шталска приказна, оној што загуби повеќе во спорот – Хрватска, реши да не ја признава одлуката на судот, иако првата одлука на владата во Загреб беше дека се обврзува да ги почитува сите акти што ќе произлезат од одлуката. Со тоа ѝ беа отворени вратите на ЕУ.

Транспортниот договор беше истакнуван како важен успех во Трст, поради тоа што Србија и Косово првпат ставија потпис на еден ист документ, но поделената Босна и Херцеговина го расипа настанот. Според вообичаениот манир, Република Српска ја блокираше федералната влада и државата отиде уште еден чекор наназад. Изгледа неразумно? Да! Но БиХ е полна со толку парадокси што овој босански расцеп не беше на нивото ни на мала сензација.

Македонската делегација учеството на самитот во Трст го претстави како целосен успех, не самопоради 70-те милиони евра грант за изградбата на пругата кон Бугарија, туку и поради разговорите на премиерот Зоран Заев со Ангела Меркел, Емануел Макрон, Паоло Џентилони, Борис Џонсон. Заев отиде во Трст наоружан со новиот пристап кон соседите, со одлучноста владата да спроведува реформи, со телефонскиот разговор со американскиот потпретседател Мајк Пенс и поддршката од Белата куќа, со големите зборови на охрабрување од пратеникот на Берлин во Скопје – едноставно тој се појави како нова фигура на балканската сцена и европските перцепции се дека тој би можел да испорача нешто поинакво од она што авторитарните лидери го прават сите овие години на овие простори. Заев е убеден дека може да испорача – и реформи, и поинакво и потолерантно општество, и ослободени медиуми, и добри односи со соседите. Тој е убеден, но дали тоа ќе се случи е големо прашање.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Најголемиот проблем на Заев е домаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Главните проблеми за Заев околу она што тој прво му го претстави на владина седница на еврокомесарот Јоханес Хан, а истото им го зборуваше на европските лидери во Трст, се дел дома, а дел и надвор. Опозицијата сега е впрегната да ги запре сите можни реформи со блокади во Собранието. Расправата за разрешувањето на Марко Зврлевски е вистинска слика за намерите на оние што донеодамна владееја. Нив како да не ги интересира напредокот на земјата, туку само личната сигурност. Македонија треба уште да назадува за ним да им биде подобро.

Српско салто-мортале

Тоа е македонското парче од блокадата. Заев замина во Трст да се напие од најубавото европско еспресо кога се оцртува нова трансверзала од Белград до Атина, како во времето на Милошевиќ и Мицотакис и повторно се креваат балканските демони. Кога српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, порано изјави дека Србија направила грешка кога Македонија ја признала според уставното име тоа, тогаш изгледаше повеќе како провокација, како инцидент, иако невкусен. Сега кога Дачиќ во Атина го повтори тој став на прес-конференција покрај неговиот грчки колега Никос Коѕијас, тоа е веќе трасирана политика. „Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето на Косово и Метохија. Србија, за разлика од некои други народи, нема територијални претензии спрема делови на Грција“.

Веројатно не може да се најде европски пример кога една држава изразува вакво салто-мортале во политиката кон својот сосед. Малку е да се каже дека односот на сегашните власти во Белград кон Македонија е непринципиелен, тој е потценувачки и е воден од премисата дека Скопје мора да ги следи интересите на Србија, а не сопствените. Се разбира, поттекстот се наоѓа на друго место. Се сеќаваме како Дачиќ беше многу чест гостин во Македонија, и како министер за внатрешни работи и како министер за надворешни работи, кога овде имаше една друга влада. Српските политичари, предводени од претседателот Томислав Николиќ, на Зебрњак прославуваа 100 години од Кумановската битка во Првата балканска војна во 1912 година – тогаш Дачиќ не зборуваше за грешката што ја направиле пред 20 години.

Очигледно, надвор од Берлинскиот процес и надвор од платформата за којашто се разговараше во Трст, заладувањето на односите меѓу Србија и Македонија оди со забрзано темпо. Тоа се виде и во Трст на студената средба меѓу Зоран Заев и Ана Брнабиќ.

Westbalkan-Gipfel - Mulitmedia-Paket
Каде плови западнобалканскиот брод?Фотографија: DW/S. Matic

Додека во Трст политичарите го пиеја еспресото, господарот на српската политика, претседателот Александар Вучиќ, беше на гиро во Солун, на состанокот  на Високиот совет за соработка на Србија и Грција, а плус и на трилатерална средба на која беа и грчкиот и бугарскиот премиер, Алексис Ципрас и Бојко Борисов. Вучиќ како премиер се држеше дистанцирано од тогашните изјави на Дачиќ, но сега и тој застана на грчката пруга. „Да сакав да го критикувам или демантирам Дачиќ ќе го направев тоа со леснотија. Но не го направив тоа“, изјави Вучиќ по средбата со Ципрас, откако грчкиот премиер јасно соопшти дека прво мора да се реши спорот за името, а потоа Македонија може да се приклучи кон ЕУ и НАТО. „Грчките пријатели може да сметаат на поддршката од Србија“, порача Вучиќ од Солун. А потоа тројцата државници порачале дека суштинскиот дијалог за името и заемно прифатливо решение  е предуслов за поддршка на трите земји за евроатлантските перспективи на Македонија.

Големи искушенија

Има ли ваквото јасно позиционирање на Србија и Грција, меѓу кои како во сендвич стои Македонија, заеднички точки со Берлинскиот процес, кому сега му беше додаден трстјански шмек. Се разбира дека нема. Одлуката да им се доделат повеќе пари за инфраструктурни проекти на балканските земји не ги решава клучните проблеми  во регионот. Европската Унија по толку години му се врати на Западниот Балкан, откако стана видливо големото влијание на Русија и откако авторитаризмот почна да се шири како чума, но ќе треба да направи многу повеќе отколку само со зборови и пари за охрабрување.

Македонската дипломатија во овој момент е во големо искушение – треба да го финализира договорот за добрососедство со Бугарија и да затвори еден важен проблем, а од Белград се отвора нов фронт, додека анкетите покажуваат дека Србите и натаму се перцепирани како најпријателски народ. Некои од соседите сакаат новата влада во Скопје да успее со нејзината нова политика, но некои сакаат да ја навлечат на тенок мраз. Особено поради тоа што никој регионален лидер не добил толку пофалби и поддршка од Европа и САД за толку кратко време како Зоран Заев. Наивно би било да се верува дека сите може да се радуваат на туѓи успеси, особено кога една земја треба да се врати во демократската нормалност.

Новите македонски министри се вратија импресионирани од она што државата го добила во Трст. Но за жал, Балконот не е Скандинавија. Успехот на соседот и почитувањето на „браќата“ често е знак за брзо престројување. За најавениот успех да не стане навистина - успех. Прашање е кога на ЕУ ќе и се смачи од ниските византиски игри во балканската крчма, откако по долго време реши повторно да влезе во неа. Можеби Трст ќе биде една убава раскрсница кон Европа, како што беше пред 30, 40 и 50 години. И по 10 години еспресото таму ќе биде најубаво во Европа, но прашање е дали тогаш ние ќе го пиеме како новостасани Европејци или уште како балкански горштаци.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар