1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етингер, ѕвездата на Јутјуб против своја волја

Грета Хаман
9 јануари 2017

Демохристијанинот Гинтер Етингер, кој Кинезите ги нарече „косооки“, денеска повторно е на испрашување во Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/2VWoh
EU-Energiekommissar Günther Oettinger 26.08.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Крутите германски демохристијани не се познати по тоа што стануваат ѕвезди на Јутјуб. Гинтер Етингер (63) е исклучок. Милиони луѓе го видоа неговиот говор на англиски јазик на конференција на Универзитетот Колумбија во Берлин. Во 2009 година, Етингер четири минути се бореше од хартијата да прочита правилно барем еден англиски збор. Идниот комесар на ЕУ за енергетика не можеше ниту да го изговори зборот „енергија“. Така, надвор од границите на Германија тој стана познат како „човекот со акцент“, како што го нарече „Ноје цирхер цајтунг“.

Но, слабото владеење на англискиот јазик е дел од гревовите на Гинтер Етингер за кои има прошка. Тоа не е ни прв ни последен пат неговиот брзоплет и неснаодлив јазик да предизвика потсмев, критика или негодување. Новинарите кои ги следат демохристијаните и партиските колеги веќе имаат сопствен сленг за тоа – „вистински Етингер“. Мисли кои на другите не би им паднале на памет, на Етингер му паѓаат, па уште и ги кажува, но секогаш некако се провлекува.

Кинезите знаат како со жените...

На пример во 2007 година, непосредно по неговото избирање за премиер на богатата покраина Баден Виртемберг, Етингер требаше да одржи говор во чест на починатиот Ханс Филбрингер, кој своевремено беше долгогодишен премиер на покраината. Етингер го фалеше покојниот, меѓу другото и како „противник на националсоцијалистичкиот режим“. Работата е во тоа што – а тоа во Германија го знае секој – Филбрингер беше избркан од функцијата кога се дозна дека уредно бил член на Националсоцијалистичката партија и дека тогаш, како судија, изрекувал и барал смртни казни. Дури кога канцеларката Ангела Меркел жестоко го притисна Етингер, тој се огради од сопствената изјава.

На крајот на минатиот октомври Етингер говореше пред бизнисмените во Хамбург и повеќепати Кинезите ги нарече „косооки“ и „косоуши“ (на германски јазик тоа звучи уште повеќе навредливо затоа што Германците велат Schlitzauge што во буквален превод значи „шлицоок"). За овој настан протестираше и официјален Пекинг и покрај тоа што во тој говор Етингер ги фалеше Кинезите бидејќи премногу „не се потресуваат" на еднаквоста на половите: „Минатата седмица кај нас беа кинеските министри, на годишниот самит Кина-ЕУ. Девет мажи, една партија. Нема демократија, нема застапеност на жените – исправно. Сите темносини одела, сите зачешлани од лево на десно, залижани со црна паста за чевли.“ Потоа, говорникот се пожали дека на сите ни се заканува задолжителен хомосексуален брак.

Работата мораше да ја спасува шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, кој го натера Етингер да ги релативизира своите изјави. Тогаш, тој мораше да се правда дека говорел колоквијално, но дека немал намера никого да навреди. Германските социјалдемократи сметаат дека Етингер не е достоен за функција во Брисел.

Незгодни прашања

Последните вербални испади им даваат на европратениците доволно материјал да го бомбардираат Етингер со критички прашања. Но тоа, како и повеќето работи кои ги прави Европскиот парламент, ќе има само симболички карактер. Бидејќи, без оглед на негодувањето, Јункер веќе го постави Етингер за нов комесар за буџетски прашања и потпретседател на Европската комисија. Тоа е огромен раст на моќта на Германецот кој досега се занимаваше со дигиталниот пазар.

Пред неколку дена десет невладини организации им имспратија на европарламентарците отворено писмо во кое искажуваат сомнеж дека Етингер е соодветен за толку висока функција во рамките на бриселската администрација. Тој „во минатото неколку пати изнесуваше расистички, сексистички и хомофобни коментари“, се наведува во писмото.

Станува збор за настанот од мај, кога Етингер леташе со приватниот авион на Клаус Манголд, поранешен менаџер на Дајмлер кој важи за руски лобист. Иако на комесарите им е забрането да примаат подароци во вредност поголема од 150 евра – а летот е секако поскап – Етингер се оправда со тоа дека поинаку не можел на стигне на работната вечера со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта. А Манголд, токму во тоа време летал токму таму.

Етингер и онака го бие глас дека е премногу близок со моќниците од индустрискиот свет. Слично беше и кога, на почетокот на бриселската кариера, беше задолжен за енергетиката. „Гринпис“ му префрлуваа за блискост со лобистите за атомска енергија. Впрочем, помалку од десет отсто од неговите состаноци во Брисел отпаѓаат на претставниците на невладини организации.

Belgien Günther Oettinger und Jean-Claude Juncker vor einer Sitzung
Јункер го цени ЕтингерФотографија: picture alliance/dpa/O. Hoslet

Што на ум...

Сѐ што може да му се забележи не ја засени неговата позитивна страна. Се зборува дека Етинкер е дел од мал број политичари кои се стручни во тоа што го работат, тој е посветен на работата и деталите. Своевремено за тоа го пофалија и Зелените во Европскиот парламент. Неделникот „Шпигел“ во 2011 година напиша дека Етингер во Брисел има работа која во целост му одговара. Тоа го цени и Јункер, кој напредувањето во кариерата на Етингер во бриселската хиерархија го оправда со неговото „големо политичко искуство“ и „професионалност“.

Сепак, не е чудно што во јавноста тоа не наидува на воодушевување. Додека „професионалноста“ и посветеноста кон работата се гледаат таму некаде, во четирите бриселски ѕида, во јавноста секогаш испливува опуштениот и провокативен Етингер, кој многу не се грижи за критиките. Тој сѐ уште беше премиер во својот роден град Штутгарт кога во јавноста протекоа весели фотографии од една вечера на која очигледно испил малку повеќе алкохол. „Тоа беше надвор од основното работно време“, одговори Етингер.

Günther Oettinger
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Дури и по аферата со „косооките“ Етингер на успева да го скроти својот јазик. На крајот од ноември тој рече дека Европа е единствена во светот и дека на другите контитенти нема ни одблиску толку добра соработка меѓу различните народи. „Само на австралискиот континент има повеќе соработка, но таму на локалците и кенгурите им е релативно лесно да соработуваат“.