1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еуфоријата попушта

1 април 2009

Кратко пред одржувањето на самитот на Г20 во Лондон и првата посета на Барак Обама на Европа како претседател, еуфоријата за нов американски почеток попушта пред трезвеноста.

https://p.dw.com/p/HNdA
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Колку брзо еуфоријата попушта пред трезвеноста и во политичка Европа, може да се посматра деновиве. Додека Барак Обама, пред неговиот избор и кратко откако стана претседател на САД, беше славен како нов месија и преплавен со огромни очекувања, кратко пред почетокот на самитот на Г20 во Лондон и со оглед на продлабочената финансиска и економска криза, ненадејно се шири скепса и воздржаност. Може ли Обама да ги исполни очекувањата или и кај неговата личност се покажува немоќта, дури и на харизматичните политичари, во мрежата на глобалната меѓусебна зависност? А да не зборуваме за очигледноста дека во меѓувреме е спласната глобалната лидерска сила на Америка.

ЕУ и САД далеку од решение

Пазарите на акциите во меѓувреме целосно го отпишаа Г20 самитот, а во обидот да се пронајдат општи правила за меѓународните финансиски пазари, Европа и САД со километри се одалечени од решението. Автомобилската индустрија во Европа, која е во тешка ситуација, мора да гледа како администарацијата на Обама го повлекува бланко чекот за безусловно санирање на „Крајслер“ и „Џенерал моторс“ и влегува во се’ поголема криза. Европските шефови на влади имаат лоши прогнози, како и чешкиот премиер Тополанек, кој поднесе оставка, дека САД со своите рецепти за борба против глобалната криза светот го „водат во пекол“. Париз и Берлин му вртат грб на Обама кога тој од Европејците бара нови конјунктурни програми за поттикнување на економијата. Така се создаваат нови спорови.

Очигледно, вербата на Америка во финансиската моќ на доларот не е намалена, а подготвеноста идните генерации да се оптоварат со долгови од билиони е поголема, отколку од оваа страна на Атлантикот. Наспроти ова подготвеноста за контрола и преземење мерки кон финансиските пазари и кај новата американска влада повеќе е декларативна отколку вистинска намера.

Надворешно-политичкиот курс на Обама остава впечаток

Во неколкуте недели по стапувањето на функцијата не само што изврши повлекување од политиката кон Гвантанамо на неговиот претходник, туку му понуди директни преговори на Техеран и ја укина самоблокадата на дијалогот НАТО Русија. За поздравување е и промената на стратегијата кон Авганистан, крај на заблудата дека тамошната војна може да се освои само со чисто воени средства. Тоа е многу повеќе отколку што ние Европејците пред само неколку недели се надевавме.

Турнејата на Обама во Европа ветува помирување и дозиран оптимизам. Со тивка дипломатија во секој случај може да се постигне повеќе отколку со див акционизам, со кој не може трајно да се поврати изгубената доверба во финансиските пазари. Нова глобална финансиска архитектура не може да се изгради преку ноќ.

Ирационалните копнежи за промена на курсот на светот со оглед на големината на актуелната криза се разбирливи, но да помогне може само доза на разум.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска