1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара демократски избори во Турција

2 мај 2007

ЕУ со олеснување реагира на одлуката на турскиот уставен суд, да се анулира кандидатурата на Абдула Ѓул за претседател.

https://p.dw.com/p/AbxP
Кандидатурата на Ѓул анулирана
Кандидатурата на Ѓул анулиранаФотографија: AP

Портпаролот на Европската комисија Јоханес Лајтенбергер денеска во Брисел порача:„Оваа одлука на уставниот суд треба сега да биде признаена од сите. Почитта за државните институции е решавачка за политичката стабилност на секоја земја“

Оваа забелешка од соопштението на портпаролот беше насочена посебно кон турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан, кој претходно ја критикуваше одлуката на Судот.

Загриженост за заканите на турската армија со пуч изразија и Европската мисија во Брисел и германското претседателство со Унијата. Еден од критериумите за прием во ЕУ е политичката и парламентарна контрола над армијата, посетуваат европските политичари:„ЕУ е изградена врз принципите на слободата, демократијата, почитта за човековите права, правната држава и цивилната контрола врз армијата. Ако некоја земја сака да и‘ пристапи на Унијата мора да ги прифати овие критериуми“ - нагласи портпаролот на Европската комисија.

Јоханес Лајтенбергер исто така упати јасна порака до раководството на турската армија со оглед на претстојните предвремени парламентарни избори:„Комисијата очекува парламентарните и претседателски избори да се одржат демократски и без мешање, во атмосфера на фер дебати и стабилност. Под такви услови Комисијата ги поздравува предвремените избори, со кои треба да се обезбеди политичка стабилност и демократски развој во Турција.“

Во Брисел се проценува дека демократијата во Турција е доволно стабилна за да ја издржи новонастанатата криза. На преголемото влијание на армијата врз политичкиот живот, меѓутоа, укажа и евро-комесарот за проширување Оли Рен во последниот извештај за напредокот на Турција. „На ЕУ и‘ треба стабилна и демократска Турција, што се развива во благосостојба, живее во мир со нејзините соседи и се‘ повеќе ги презема европските вредности, стандарди и политика“ - порача Рен пред пратниците на Европскиот парламент.