1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во голема опасност од популизмот

БГ/миа21 ноември 2013

Италија и Франција предупредуваат на опасност од популизам на eвропскитe избори закажани за следната година. Според Оланд, на изборите ќе биде во залог „европскиот идеал“.

https://p.dw.com/p/1ALhy
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Jacques Brinon

Европската унија е исправена пред егзистенцијална закана од популистички партии, кои може да добијат превласт на изборите за Европскиот парламент следната година, предупредија во Рим италијанскиот премиер Енрико Лета и францускиот претседател Франсоа Оланд.

Ваквото предупредување доаѓа во време кога последните анкети на јавното мислење во Франција покажуваат дека води екстремнодесниот Национален фронт (ФНП), а во Италија голема популарност ужива десничарското популистичко Движење „Пет ѕвезди“ на комичарот Џузепе Грило.

Двете партии се залагаат нивните земји да се откажат од еврото и од политиката на строго штедење наметната од ЕУ.

„Следните европски избори веројатно нема да се борба меѓу левицата и десницата, туку меѓу оние кои ја сакаат Европа на луѓето и оние кои ја сакаат Европа на популистите“, рече Лета по италијанско-француска средба на врвот во Рим.

Според Оланд, на изборите ќе биде „заложен самиот европски идеал“.

„Избирачите ќе се изјаснат не за тоа дали ние треба да правиме повеќе или помалку, туку дали се‘ уште ја сакаме Европа или не“, рече Оланд. За да ги скротат антиевропските сили, лидерите на ЕУ треба двојно да ги засилат напорите за заживување на економијата и создавање на работни места, оценија Лета и Оланд. Според нив, ЕУ треба да се поврзува повеќе за растот, отколку за строгите ограничувања.

„Ако граѓаните на нашите земји продолжат Европа да ја доживуваат како во последните години, популистите ќе победат“, изјави Лета и ги повика останатите држави да не ја потценуваат оваа многу сериозна закана со која ќе се судри Европа во следните месеци.