1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го слави својот празник

9 мај 2006

Говори, разговори со граѓани, изложби, филмски проекции – во земјите-членки и во некои кои се стремат кон членство, се одбележува Денот на ЕУ

https://p.dw.com/p/Ac6o
Седиштето на ЕУ во Брисел
Седиштето на ЕУ во БриселФотографија: AP

Деветти мај е историски датум за Европа. Веќе 20 години се потсетува на изјавата на поранешниот француски министер за надворешни работи Робер Шуман, кој на овој ден во 1950-та година ги претстави своите визии за обединување на Европа и како прв чекор го предложи создавањето на Унијата Монтан. Со неа германското и француското производство на јаглен и челик беа ставени под задничка управа, но унијата беше отворена и за други земји, па идејата наредната година беше реализирана како европска заедница за јаглен и челик. Од неа израсна Европската економска заедница, која во меѓувреме прерасна во Европска Унија. Таа денес опфаќа 25 земји, уште две се непосредно пред пристап – Романија и Бугарија, а сите други од југоисточна Европа се стремат кон неа. Хрватска ги започна преговорите, како и Турција – но со таа земја веќе се во ќорсокак. Македонија доби официјален кандидатски статус, но чека на термин за почеток на преговорите.

Приближувањето на сите тие земји кон Унијата е отежнато поради нејзината длабока внатрешна криза, откако минатата година Французите и Холанѓаните на референдуми го отфрлија нацртот на европскиот устав. Комисијата на Унијата утре ќе му стави крај на едногодишниот „период за рамислување“ и ќе го претстави документот „Агенда за иднината на Европа“. Во него таа предлага поголема европска соработка во областа на полицијата и сузбивањето на криминалот, како и по прашањата на интеграцијата. За овој документ ќе се расправа на наредниот самит на Унијата во јуни. Околу уставот и натаму нема консензус. Според извори од ЕУ, Европската комисија има намера наредната година, кога ќе се одбележи 50-годишнината од Римскиот договор за формирање на Европската Економска Заедница, да предложи ревидиран текст на уставот.

И покрај кризите, Европската Унија, сепак, се чини дека е успешна приказна. Во главните градови на земјите-членки, како и во престолнините на Романија и Бугарија кои наредната година треба да пристапат кон Унијата, по идеја на актуелниот претседавач Австрија денеска ќе се одржи манифестацијата „Кафулиња на Европа“. Политичари и уметници во кафулиња ќе дискутираат со посетителите во врска со Европа. Во Виена лично ќе учествува канцеларот Волфганг Шисел. Сето ќе биде придружено и со можност да се пробаат кулинарски специјалитети од сите земји на Унијата.

Со говор за иднината на Европа денеска германскиот канцелар Ангела Меркел ќе го отвори дводневниот Европски форум на ВДР во Берлин. Во Потсдам меѓу учесниците на дебатата на тема „Европа на граѓаните“ ќе бидат и заменик-претседателот на Комисијата на ЕУ Гинтер Ферхојген и покраинскиот премиер на Бранденбург Матијас Плацек. На тема „Јас сум Европа“ ќе се дискутира во Диселдорф.

Во Париз некои од најпознатите знаменитости на градот од полноќ се осветлени во сино, во бојата на унијата, а млади фотографи од 25-те земји на изложба ќе го претстават својот поглед врз Европа. Во Стразбур ќе бидат прикажани по еден филм од секоја земја-членка. Европски филмови ќе бидат бесплатно прикажувани во Мадрид, а во Барселона се прави гигантска сложувалка на која е претставена картата на Европа. Во Варшава денеска ќе биде отворен Дом на Европа, што ќе биде придружено со повеќе приредби. Во Валета, главниот град на Малта, амбасадорите на земјите на Унијата ќе претстават типични кулинарски специјалитети од своите земји.

Во Македонија, земја со официјален статус на кандидат за членство, порано во свеста на граѓаните 9-ти мај пред се’ се поврзуваше со поразот на хитлеровиот националсоцијализам и крајот на Втората светска војна. Со приближувањето на Македонија кон ЕУ, овој ден се’ повеќе станува Ден на Европа – последните години така и се одбележува. Веќе станаа традиција повеќедневните манифестации по овој повод. Денеска ќе се одржи „Европски ден на претприемачот“ и меѓународна трибина за „Капацитетите за натамошно проширување на Унијата и приемот на Македонија и земјите од регионот“.