1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дава дополнителна помош за Филипини

Александар Методијев/дпа/афп/миа16 ноември 2013

ЕУ објави дека ќе даде поголема финансиска помош за Филипините. Дополнителните седум милиони евра ќе бидат распределени за два милиони лица, кои се раселени поради последиците од тајфунот Хијан.

https://p.dw.com/p/1AIiQ
Фотографија: Getty Images

Дополнителните парични средства беа најавени од еврокомесарката за хуманитарна помош Кристалина Георгиева, откако го посети најпогодениот град Таклобан.

„Денеска лично ја пренесувам пораката за европската солидарност. Ние ги поддржуваме сите погодени со итна и широка поддршка“, рече Георгиева. ЕУ претходно даде три милиони евра како итна помош и дополнителни 10 милиони евра за обнова на погодените места на Филипините.

„Приоритет е да се обнови пристапот до опустошените зони и да е достави итна помош. Потребно е да ги усогласиме напорите за да стигнеме до сите оние на кои им е потребна помош“, додаде Георгиева.

Филипините добија и посебна помош од европските земји во износ од околу 25 милиони евра. Во меѓувреме, британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека Велика Британија ќе даде дополнителни над 35 милиони евра (или 30 милиони фунти) помош за Филипините. Камерон рече дека парите ќе бидат поддршка за ОН и Црвениот крст во справувањето со жртвите од тајфунот.

EU-Politikerin Kristalina Georgieva
Еврокомесарката Кристалина Георгиева ја најави дополнителната помошФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние исто така го ставаме на располагање авионот РАФ Ц-130, за да го помогнеме движењето на хуманитарните работници меѓу најпогодените области и за да се однесепомошта до оние на кои им е најпотребна“, рече Камерон.

Филипинската војска објави дека ќе испрати повеќе војници и камиони за расчистување на последиците од тајфунот. Филипинската војска има 12.000 лица на терен, кои ја спроведуваат хуманитарната помош и помагаат да се одговори на последиците од природната непогода. Во Таклобан помагаат и тимови од странски војски.