1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ги прифати македонските сертификати за вакцинација

ДТЗ
19 август 2021

Сертификатите од Северна Македонија за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ, информираше МНР.

https://p.dw.com/p/3zB8T
Paris | Illustration Corona-Test
Фотографија: Balkis Press/abaca/picture alliance

ЕУ ги прифати македонските сертификати за вакцинација против Ковид-19. Со тоа, Северна Македонија стана прва земја во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ, информираше Министерството за надворешни работи.

„Европската комисија донесе одлука со која се гарантира дека сертификатите за Ковид-19 издадени од Република Северна Македонија ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ за Ковид-19. Ова значи дека нашата земја ќе биде поврзана со системот на ЕУ и дека сертификатот издаден од нашите авторитети ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и Дигиталниот сертификат за ЕУ. Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ Дигиталниот сертификат за вакцинација“, објаснува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-повеќе на темата: За фалсификување сертификати за вакцинација - затворски казни

На овој начин македонските граѓани ќе ги избегнат ограничувањата во патувањата, како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки.

„Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ. Оваа Одлука на Европската комисија е признание за Северна Македонија за преземените активни чекори од наша страна во поглед на интероперабилноста со правилата на ЕУ во оваа насока. Ова значи потврда за автентичноста, валидноста и интегритетот на одлуките и чекорите што се преземаат од нашите институции кога станува збор за заштитата на здравјето на нашите граѓани и мерките кои се преземени во таа насока“, вели Османи.

-повеќе на темата: Со Ковид-пасош до големата слобода, но како?

Од утре македонските граѓани кои примиле две дози на вакцина, ќе може да патуваат во земјите од ЕУ, доколку примиле една од вакцините одобрени од Европската  агенција за лекови. Покрај сертификатот за примена вакцина, во ЕУ се прифаќаат и потврдите за прележан Ковид-19. Ваквата одлука ја соопштија еврокомесарите за правда и проширување, Дидие Рејндерс и Оливер Вархеи. Покрај од Северна Македонија, се прифаќаат сертификатите и од Турција и Украина, информираше Вархеи.