1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ да го заокружи признавањето на Косово

Агенции (К.Д.)5 февруари 2009

Европскиот парламент усвои резолуција во чиј амандман се повикуваат сите земји од ЕУ да го признаат Косово. Властите во Приштина не се подготвени на разговори со Белград за прашањата околу независноста и суверенитетот.

https://p.dw.com/p/GnDQ
Косовското знамеФотографија: picture-alliance/ dpa

Европскиот парламент денеска ја усвои резолуцијата за Косово, во чиј амандман се бара сите земји на ЕУ да ја признаат неговата независност. Од 27-те земји членки, независноста на Косово не ја признале Кипар, Шпанија, Грција, Словачка и Романија. Резолуцијата претставува политичка препорака. За неа гласаа 424 пратеници. Против се изјаснија 133.

Во резолуцијата, предложена од холандскиот европратеник Јост Лагендијк од групата на Зелените, се бара да се раздвојат надлежностите на властите во Приштина и оние на Еулекс. Од Европската унија и мисијата Еулекс се бара да вложат напори за подобрување на политичката и економска ситуација на Косово, во насока на стабилизација на регионот.

Европската комисија смета Еулекс ќе биде целосно оперативна на крајот на март. Чешкото претседателство со ЕУ, сака мисијата да биде што е можно поефикасна и операционална. Чешкото претседателство во својата програма за работа зацрта дека активностите за Косово ќе бидат концентрирани врз спроведувањето на Процесот за стабилизација и асоцијација. Унијата паралелно ќе ги користи сите други инструменти на европската надворешна политика.

Потребно е заедничко делување

Инаку за време на расправата, европарламентарката Дорис Пак побара на Косово да се делува заеднички. Целта е да се постигне вистински напредок во подобрувањето на економските услови за живот, но исто така и да се подобри ефикасноста на судството и истражните органи. Дорис Пак нагласи дека косовските власти сега треба да го спроведат на дело она што е содржано во Уставот, кој е одраз на планот на Марти Ахтисари. Првите дискутанти побараа од властите во Приштина да обезбедат почитување на правата на малцинствата, но и да работата на воспоставување добрососедски односи. Холандскиот европратеник Јост Лагендијк од групата на Зелените, во предложената резолуција ја поздравува согласноста на властите на Србија околу распоредувањето на мисијата ЕУЛЕКС на целата територија на Косово. Европратениците ја охрабруваат Србија да продолжи со нејзиниот конструктивен однос што е во согласност со нејзините тежнеења да и се приклучи на ЕУ.

Eulex Kosovo
ЕУЛЕКС на КосовоФотографија: AP

Нема разговори со Србија за статусот

Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи, по денешните разговори во Приштина со шефот на УНМИК Ламберто Заниер, изјавија дека доколку дојде до евентуалнен дијалог со Белград, нема да прифатат да се разговара за статусот на Косово и неговиот суверенитет. Тие сметаат дека тоа прашање е затворено на 17 феврураи, кога Косово прогласи независност која ја признале 54 држави. Властите во Приштина инаку се подготвени да разговараат со Белград за останатите одрдеби кои се содржани во пакетот на Марти Ахтисари.