1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ договара санкции против Гадафи

23 февруари 2011

ЕУ го повика претседателот на Либија, Моамер ел Гадафи, да ја прекине употребата на сила против демонстрантите. Зачестија и повиците од членките на Унијата за воведување санкции против актуелната власт во Либија.

https://p.dw.com/p/10N9l
Фотографија: dpa/picture-alliance

Портпарол на координаторката на европската надворешна политика Кетрин Ештон порача дека примената на сила е апсолутно неприфатлива и побара дијалог меѓу страните во конфликтот. Попладнево Ештон свика состанок на политичкиот и безбедносниот комитет на ЕУ за да се разговара за натамошните постапки.

Со оглед на насилството против демонстрантите Франција се заложи за неодложни казни за раководството на Либија. ЕУ треба да воведе итни санкции, побара францускиот претседател Никола Саркози по кризната владина седница во Париз. Покрај забраната за патување и надзорот на банкарските сметки на владеачката елита на Либија, Саркози побара и привремено прекинување на економските врски со оваа земја.

Europa Reform Vertrag tritt in Kraft 1. Dezember 2009
Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин ЕштонФотографија: AP

Италијанската влада, пак, во меѓувреме посочи на опасноста од нов, голем бран бегалци од Либија, доколку продолжи да се влошува ситуацијата. Може да бидеме соочени со миграција од библиски размери, оцени италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини, посочувајќи на бројка од 200.000 до 300.000 бегалци.

Ангажман на ОН

Шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн, денеска побара решителна реакција на меѓународната заедница. Треба да издејствуваме мандат од ОН за да го спречиме крвопролевањето во Либија, побара Аселборн и додаде:

„Она што се случува во Либија е геноцид од највисок степен. Сите кои го видоа интервјуто на Гадафи сфатија дека тој е пореметен, болен и дека тоа што го зборуваше е многу опасно. Тој ги повика Либијците на граѓанска војна едни против други“, нагласи Аселборн во интервју за Дојчландфунк.

Против ваков феномен не се доволни санкции, туку потребна е интервенција на меѓународната заедница. Во земјата, според него, има илјадници платеници, кои стрелаат врз цивилното население без скрупули. Дали треба да се испратат сини шлемови, тоа треба да го решат органите на ОН, нагласи Аселборн и индиректно ја повика и Арапската лига да се зангажира.

Jean Asselborn Außenminister Luxemburg
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан АселборнФотографија: AP

Апел на Советот за безбедност

Советот за безбедност на ОН на синоќешната итна седница апелираше до претседателот на Либија, Моамер ел Гадафи да го запре насилството против демонстрантите во земјата. Не смее да се користи оружје против луѓе кои изразуваат оправдани барања, се вели во соопштението на Советот. Членките на Советот порачуваат дека Гадафи треба да го сфати документот како јасен сигнал дека тој ја носи одговорноста за заштита на неговиот народ.

Во меѓувреме повеќе земји спроведуваат големи акции за евакуација на нивните сограѓани од Либија. Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давотоглу оцени дека станува збор за најголема акција на спасување во историјата на неговата земја. САД, европските и други земји се обидуваат со авиони и со бродови да евакуираат што е можно поголем број странски граѓани од земјата што тоне во хаос и граѓанска војна.

Автор: ГЧ/АТ/дпа/афп/дв

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема