1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дуо или трио?

22 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQU
Минатогодишните прослави по повод 40-тиот јубилеј од склучувањето на Елисејските договори за пријателство меѓу Франција и Германија претставуваа своевиден знак за почеток на нова ера во меѓусебните односи. Под притисок на ирачката криза владите во Берлин и во Париз се приближија како никогаш порано. Но, не само на меѓународно политичката сцена, туку и на европски план Франција и Германија настапуваат со речиси апсолутна едногласност. Ова кај другите земји членки на Унијата предизвикува поделени реакции, често и страв дека двете големи држави ќе доминираат со ЕУ. Сега меѓутоа се навестува можноста од силното дуо да стане дури трио. На вчерашната средба во Лондон министрите на Германија, Франција и Велика Британија имено се договорија во иднина потесно да соработуваат на полето на европската политика. За средината на февруари е закажан и самит на Шредер, Ширак и Блер. Има ли ова трио навистина перспектива?

Оние кои германско-француското приближување пред една година го проценија како пригоден политички говор, што во секојдневната битка за интереси во рамките не ЕУ набрзо ќе биде едноставно заборавен, тие ќе мораат да ја признаат грешката. Барем за изминатите 12 месеци! Владите во Берлин и Париз зборуваат имено со ист глас по прашањето на европскиот устав. Со заеднички сили се обидуваат да ги одбегнат и санкциите поради кршењето на Пактот за финансиска стабилност во ЕУ. Дека тоа наидува на отпор од другите земји членки, не треба никого да го чуди, бидејќи ваквото однесување делува арогантно.

Што се однесува до британскиот премиер Тони Блер, тој во последно време има очигледо нова стратегија кога е во прашање европската политика. Наместо поранешниот курс на конфронтација, тој сега оди на линија на приближување. Така беше неодамна по прашањето на заедничката одбрамбена политика, каде Британците изработија компромисно решение заедно со Германците и Французите. Уште поголем полет дојде од успешната акција на тројцата министри за надворешни работи, кои успеаја да го наговорат Иран да попушти во спорот околу неговата атомска програма.

Ваквото приближување на Британците меѓутоа се темели прво врз тактички причини. Вклучувањето во германско- францускиот двоец, значи можност на време да се дознаат, па дури и да се успорат плановите на Берлин и Париз, кои на Лондон не му одговараат. По пропаѓањето на самитот посветен на Уставот на ЕУ во Брисел, Германците и Французите одеднаш го активираа терминот "јадро на Европа", кој од другата страна на Ламанш крена тревога, а и не само таму. Ваквите опасни игри ќе бидат отстранети само тогаш, кога ќе биде донесен новиот Устав.

Постојат меѓутоа и други практични погодности од спојувањето на трите земји во своевиден блок. По проширувањето на Унијата, на маса ќе седат толку многу членки, што нема да биде лесно "ад хок" да се најдат сојузници за некој предлог, ниту пак такви со кои друг неповолен предлог ќе може да биде спречен. Не попусто пишува Фајненшел тајмс, повикувајќи се на изјава на еден британски дипломат, дека "со 25-мина не може сериозно да се дискутира за политички прашања". Ова може да звучи покровителски или дури цинично во ушите на новите членки на Унијата, но во тоа сепак има и некоја вистина, како што впрочем покажа и последниот самит во Брисел.

Но, тоа се уште не значи дека Велика Британија ќе влезе на трајна основа во трио со Германија и Франција. Прво, традиционалната скепса на Британците кон Европа не е темелно изменета и покрај повеќето чекори на владата на Блер кои покажуваат попријателски став од оној на претходните британски премиери. Во Лондон сепак нема таква волја за натамошно потесно поврзување, каква што има во Берлин и во Париз. Интересите се имено многу различни - на пример на полето на заедничката надворешна и безбедносна политика.