1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ забрани фузија на Германската и Лондонската берза

ЖА
29 март 2017

Европската комисија не дозволува спојување на Германската берза со Лондонската берзанска група (ЛСЕ), зашто тоа би значело ограничување на конкуренцијата.

https://p.dw.com/p/2aDTO
Bildkombo London Stock Exchange Frankfurter Börse

Дефинитивен крај на престижниот проект: Германската берза не успеа ни во третиот обид за фузија со Лондонската берза ЛСЕ. Европската комисија не даде согласност, со образложение дека спојувањето на двете финансиски локации би значела „значително ограничување на конкуренцијата“, како што истакна ЕУ-комесарката надлежна за прашања поврзани со конкурентноста, Маргрете Вестагер: „На европската економија ѝ се потребни функционални финансиски пазари. Тоа не е важно само поради банките и другите финансиски институции, туку од тоа профитира целокупното стопанство“. Двете страни не ги отстраниле сомнежите на Комисијата и не ги презеле бараните мерки, се вели од Брисел.

Забраната на фузијата беше очекувана, откако ЛСЕ во минатите месеци се колебаше да ги спроведе новите услови за фузијата, поставени од ЕУ. Брисел од Лондонската берза побара откажување од мнозинското учество во италијанската трговска платформа МТС. Ова е веќе третпат, по 2000 и 2005 година, обединувањето на двете берзи да претрпи неуспех. Лондонската берза инаку ја води и берзата во Милано, што ги зголемуваше стравувањата дека ќе се создаде преголем „тешкаш“ на европскиот берзански пазар.