1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Турција - нееднакви трговски партнери

Жанг Данхонг / Е.М. Фиданоска27 јули 2016

ЕУ е далеку најголемиот трговски партнер на Турција. Анкара, пак, е на шесто место на најважните трговски нации за ЕУ. Успехот има име: царинска унија. Сега таа е соочена со проблеми.

https://p.dw.com/p/1JWVv
Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Пред точно 20 години Турција се приклучи на Европската царинска унија. Оттогаш, речиси сите турски индустриски добра можат без царина да се извезуваат во ЕУ, и обратно. Бесцаринската трговија придонесе многу за високите стапки на пораст во Турција до избивањето на финансиската криза.

Еден проблем тогаш беше превиден: асиметријата која настанува при договори за слободна трговија меѓу ЕУ и трети држави. Така, САД по стапување во сила на ТТИП исто така ќе можат да продаваат своја стока во Турција по „нулта тарифа“, додека обратно - ќе смеат и натаму да воведуваат царини за турска стока, со оглед на тоа што Турција не е членка на ЕУ. „На американскиот пазар турските извозници се запоставени, поради тоа што таму европските производители не плаќаат царина, а турските плаќаат“, вели Ердал Јалчин од минхенскиот Ифо-институт.

Заедно со колегите тој пресметал дека одделни сектори во Турција поради ТТИП би извезувале 4 до 10 проценти помалку. За 10 до 12 години ваквата асиметрија на Турција ќе ѝ донесе загуба од 18 до 20 милијарди долари. Тоа би било намалување на брутодомашниот производ за околу 2 процента. Затоа во Анкара со почетокот на ТТИП-преговорите беше вклучен аларм. Имаше дури и закана со напуштање на царинската унија.

Како бил превиден ваков важен аспект? За тоа има две причини, вели Јалчин за ДВ: „Турција тогаш веруваше дека членството во царинската унија е само меѓучекор на патот кон полноправно членство во ЕУ.“ Ако Турција стане полноправна членка на ЕУ, сите договори кои ЕУ ги склучува со трети држави ќе бидат автоматски важечки и за Турција. Втората причина е што никој не можел да предвиди дека денес ќе има толкав голем број на билатерални договори за слободна трговија. Со раѓањето на Светската трговска организација се сметаше дека мултилатералниот пат во светската трговија е неизбежен.

Deutschland Dr. Erdal Yalcin
Ердал ЈалчинФотографија: Ifo-Institut

Двете работи се покажаа како погрешни проценки. Турција речиси и не се приближи кон целта да стане полноправна членка на ЕУ, исто како што е сосема неизвесно кога ќе биде донесен подобар мултилатерален договор за слободна трговија.

Дали решение за Турција можеби било претворање на царинската унија во договор за слободна трговија? Не, одговара Ердал Јалчин. Неговото истражување покажува дека договор за слободна трговија на Турција би ѝ донесол повеќе проблеми отколку предности. Зашто, за разлика од на пример Швајцарија, многу турски сектори се длабоко врзани со производната структура на ЕУ. Со оглед на тоа што царинската унија ги прави непотребни т.н. сертификати за потекло, германски, француски или италијански претпријатија ја претворија Турција во место за меѓупроизводство. Ваквата предност во случај на постоење на договор за слободна трговија би отпаднала. Претпријатијата во тој случај би морале да излезат на крај со повисоки административни трошоци.

Затоа Ифо-експертите предлагаат друго решение - продлабочување на царинската унија, со тоа што таа би се проширила и на услужните дејности и на земјоделските производи. Од тоа би профитирале сите: Турција од зголемената трговија со ЕУ, би профитирале ЕУ-потрошувачите, а и „европските фирми од сферата на услужни дејности, поради тоа што би можеле подобро да го услужат турскиот пазар со речиси 80 милиони луѓе“, нагласува Јалчин.