1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Версај: Нема забрзан прием на Украина во ЕУ

Мартин Кох
11 март 2022

По повеќечасовни советувања, 27-те шефови на држави или влади на членките од ЕУ најавија поддршка на Украина, врските со неа треба да бидат зајакнати, но нема да има нејзин брз прием во Унијата.

https://p.dw.com/p/48LX3
Ukraine-Konflikt - EU-Gipfel in Versailles
Фотографија: Chigi Palace Press Office/IMAGO/ZUMA Wire

Во декларацијата од Самитот на ЕУ во францускиот Версај од рано утрово се вели: „Украина припаѓа на нашето европско семејство“. Сепак, по околу осумчасовните советувања, на Киев не му се дадени конкретни ветувања во поглед на брз прием во Европската унија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговите колеги на Украина ѝ ветија само натамошно зајакнување на врските и продлабочување на партнерството, како поддршка на нејзиниот пат кон прием во ЕУ.

Во поглед на барањето за прием на Украина, доставено на 28 февруари, во соопштението на ЕУ се вели: „Советот дејствуваше брзо и побара од Комисијата да даде мислење во согласност со договорите“. Но дотогаш, без никакви одложувања, се планира продлабочување на партнерството „заради поддршка на Украина на европскиот пат“. 

Долг пристапен процес....

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  минатата недела, по почетокот на руската инвазија, побара членство на неговата земја во ЕУ. Меѓутоа, пристапувањето кон ЕУ претставува долг и комплициран процес. Дури и ако Европската комисија даде позитивно мислење за апликацијата, на самиот старт на пристапните преговори може да се чека уште долго, зашто согласност треба да дадат сите држави од ЕУ.

Украина напротив се надева на забрзано темпо. „Не станува збор за тоа утре да добиеме членство. Не сакаме никаков бланко чек. Но, ние сакаме работите да се одвиваат во итна постапка, во рок од неколку години“, изјави украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник за германската новинска агенција ДПА.

ЕУ и Украина во 2017 година склучија Договор за стабилизација и асоцијација, со кој се продлабочуваат политичките и економските врски. Покрај Украина, неодамна барања за прием во ЕУ доставија и Молдавија и Грузија. Самитот на ЕУ укажа дека од Европската комисија е побарано и нивно вреднување.

Ukraine-Konflikt – Registrierungsstelle für Flüchtlinge
Бегалци од Украина во ХамбургФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

...без специјален третман

Холандскиот премиер Марк Руте по советувањата истакна дека не постои скратен пат за прием во ЕУ, укажувајќи на постапката и за идните членки. „Ова би бил удар в лице за Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Албанија, кои толку долго чекаат за да бидат примени“, рече тој.  

Холандија инаку и самата спаѓа во кочничарите при пристапните преговори со западнобалканските земји.

„Никој не може да пристапи во ЕУ преку ноќ“, изјави и хрватскиот преиер Андреј Пленковиќ во врска со барањето на  украинскиот претседател Зеленски  за забрзана постапка за приклучување на неговата земја кон ЕУ. 

Ветена помош за бегалците

Шефовите на држави или влади од  земјите на ЕУ  ветија секаква помош за сите бегалци од Украина. „ЕУ и нејзините членки и натаму ќе бидат солидарни и на сите бегалци и земјите кои ги прифаќаат ќе им нудат хуманитарна, медицинска и финансиска поддршка“, се вели во заедничката декларација.

Децата жртви на руската агресија

Истовремено, упатен е повик до Русија да овозможи хуманитарен пристап до жртвите и протераните од војната во Украина, како и да дозволи безбедно бегство на цивилите. Русија „мора неограничено да ги извршува своите обврски кои произлегуваат од хуманитарното меѓународно право“.

Според информации на ОН, од почетокот на војната на 24 февруари, повеќе од 2,3 милиони луѓе избегале од Украина.  ЕУ државите  минатата недела решија на речиси сите да им обезбедат брза и небирократска привремена заштита  од најмалку една година. Бегалците смеат слободно да се движат во ЕУ, смеат да работат и имаат и право на здравствена заштита, станбен простор и образование за децата.

Прво оружје, а потоа помош во обновата

Украинската војска ќе добие натамошни оружја и опрема од ЕУ. Според претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, ЕУ-претставникот за надворешни работи Жозеп Борел на самитот во Версај  предложил мобилизирање на натамошни 500 милиони евра за дополнителни испораки.

Првиот пакет од преку 500 милиони евра беше одобрен уште на крајот на февруари, а според планот, парите доаѓаат од европски фонд, нов инструмент на ЕУ кој може да се користи за јакнење на способноста на војската во партнерските земји. За периодот од 2021 до 2027 година овој фонд располага со околу пет милијарди евра.

На Самитот на ЕУ беше ветена и политичка, финансиска и хуманитарна помош на луѓето во Украина: „Нема да ги оставиме сами“. Освен тоа, постои подготвеност за помош и при обновата на демократска Украина, во моментот кога ќе заврши рускиот напад.