1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-министрите беспомошни, можен расцеп во врска со Косово?

8 септември 2007

Ни решение, ниту единствен европски став за косовското прашање не се на повидок ни по неформалната средба на министрите за надворешни работи од земјите на ЕУ во португалскиот пристанишен град Виана де Кастело

https://p.dw.com/p/Bdsy
Од средбата во ПортугалијаФотографија: AP

И’ се заканува ли расцеп на Унијата ако косовските Албанци еднострано прогласат независност? Меѓу министрите владее беспомошност по дискусијата со претставникот на Унијата во „тројката“ за Косово Волфганг Ишингер. Никој не знае точно како можат да се наведат Србите и косовските Албанци да изнајдат во договор решение за меѓународно-правниот статус на Косово до 10-ти декември годинава.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер не губи сосем надеж: „Можеби шансите не се преголеми, тоа признавам. Но, мала шанса има и ние се обидуваме во придружните разговори со Србија и Косово да ги зголемиме тие шанси“.

Штајнмаер предупреди од тоа, уште отсега да се зборува за криза на европската надворешна политика, оти се’ уште е време за натамошно да се преговара: „Но, според природата на нештата сега се’ уште не може ништо да се каже за придвижување во суштинските точки. Ние и не треба да ја преоптоваруваме ’тројката‘ со очекувањата“.

Русија во сојуз со Србија одбива независност на подрачјето на Косово кое од 1999-та година е под управа на ОН. САД во текот на изминатата ноќ повторно најавија дека имаат намера да признаат независна косовска држава. Владата на косовските Албанци навести таков чекор веднаш штом ќе истече рокот поставен од ОН за новите преговори. Тоа би можело да води кон расцеп во ЕУ, оти некои земји на Унијата не би признале независно Косово. Поделба на покраината е отфрлена. Не е јасно што би се случило со заштитните трупи предводени од НАТО и со можната европска мисија таму.

Францускиот министер Бернар Кушнер категорично предупреди да не се преземаат еднострани чекори на Косово и рече дека нема да се дозволи ставот да биде диктиран ни од Русија, ниту од САД. „Морам да ви кажам дека на единството на Унијата би му дале предност пред било какво решение за Косово. Тоа е решавачкиот клуч. Зачувувањето на единството е вистински предизвик за ЕУ“.

Министрите официјално не зборуваат за тоа што би се случило ако преговорите пропаднат и Косово еднострано се прогласи за независно. Но, зад кулисите веќе интензивно се работи врз градење единствен став. Шансата Србита и Косоварите да се договорат е најмногу 10 проценти. Востанија, етнички чистења и ново крвопролевање на Балканот би морале безусловно да бидат спречени, се вели во Виана де Кастело. Но, како? Британскиот министер Дејвид Милибанд вели само толку: „Преку тој мост ќе одиме кога ќе стигнеме до него“.

Бернд Ригерт