1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Млак одговор на предупредувањата поради Омикрон

Бернд Ригерт
17 декември 2021

ЕУ самитот препорачува: зголемена вакцинација против агресивната варијанта Омикрон. Тоа не е доволно, предупредува Европската инфективна служба. Многу апели, малку конкретни решенија за пандемијата.

https://p.dw.com/p/44PKN
Symbolbild | Coronavirus | Impfstoff EU
Фотографија: Thiago Prudencio/ZUMAPRESS/picture alliance

Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ се согласија околу нужноста од потесна меѓусебна координација во поглед на мерките кои се воведуваат за сузбивање на пандемијата на коронавирус. Конкретната работа ѝ е препуштена на Европската комисија. А таа пак само може да констатира дека одделни членки на ЕУ еднострано воведуваат дополнителни  ограничувања во патувањата.

Португалија, Ирска, Грција и Италија, покрај доказот за вакцинираност против коронавирус, при влезот во земјата бараат и приложување негативен тест. Франција од недела нема да дозволува веќе влез за луѓе од Велика Британија без вакцина и тест, образложувајќи ја мерката со наглото ширење на сојот Омикрон во ЕУ.

Други членки на ЕУ пак како услов за патување го сметаат Ковид-сертификатот на ЕУ, кој предвидува патниците да бидат вакцинирани, излечени или да имаат негативен тест. На самитот владееше едногласие дека важноста на Ковид-сертификатите за вакцинираните треба да биде ограничена на максимално девет месеци. Најдоцна тогаш потребна е трета, засилувачка вакцина заради продолжување на важноста на сертификатот.

Собраните челници беа единствени и во оценката за  забрзано влошување на епидемиолошката ситуација во ЕУ  со Омикрон сојот. „Ја подвлекуваме животно важната нужност на вакцината во борбата против пандемијата“, гласи заклучокот. Но, стапките на вакцинирани во ЕУ се многу невоедначени. Првенствено во источна Европа квотите се под 60%, предупреди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Општ став беше масивно да се засили бустер вакцинирањето, а да се преземаат мерки против лажните информации. Секој тоа треба да го организира во својата земја. 

Аларм од сопствените експерти

Додека течеа советувањата во Брисел, раководителката на Европската служба за инфективни заболувања, ЕЦДЦ, Андреа Амон од Стокхолм издаде  итно предупредување.  Ширењето на високозаразната варијанта  Омикрон е незапирливо, за неколку недели таа ќе доминира во ЕУ предизвикувајќи огромен број инфекции, предупредуваат експертите.

 Andrea Ammon
Андреа Амон - сериозни предупредувања поради ОмикронФотографија: Jessica Gow/picture alliance

„Омикрон ќе води кон зголемен број  хоспитализации.  Државите треба енормно да ги засилат своите вакцинални и бустер кампањи. Само вакцинирањето со прва вакцина нема да може да го ограничи дејството на Омикрон,  едноставно нема веќе време за затворање на дупките во имунизацијата кои уште се присутни“, истакна Амон.

Затоа ЕУ службата препорачува ограничувања низ цела Европа при патувања, забави, манифестации и сите можни контакти, што е еднакво на „локдаун“. На ова барање самитот на ЕУ не даде јасен одговор.

Напротив. Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел е против ограничувања. „Не верувам дека рестрикциите во патувањата се вистинскиот одговор. Од пред две години сите мораме да живееме со вирусот. На сите сега да им кажеме да останат дома? Доста е веќе!“, рече Бетел во Брисел. И во Луксембург луѓе демонстрираат против корона-мерките и 3Г правилата. Пред две недели, пред куќата на Бетел се собраа антиваксери на протести.

Потребни се модуларни болници?

Во препораката која ја објави Европската служба за инфективни болести, истовремено додека се одржуваше самитот, стои и реченицата: „Треба да се размисли за итно планирање на надградба на капацитетите во здравството заради третман на новите случаи“. ЕЦДЦ значи препорачува подигање привремени болници заради лекување на пациентите заболени од Ковид-19 во следните недели. 

И на оваа препорака од сопствените европски експерти самитот на ЕУ не реагираше јасно. Доколку се испостави дека инфекциите со Омикрон, како во Велика Британија, се удвојуваат секои два до три дена, до крајот на годинава во ЕУ би имало стотици илјади нови случаи. Поради рапидното ширење и енормниот број на случаи,  Омикрон варијантата би довела до криза, иако текот на заболувањето е полесен, истакна Амон во својата видео порака до самитот на ЕУ и до јавноста.

Луксембуршкиот премиер Бетел вака резимираше: „Страшното кај оваа криза е што е неможно планирање. Јас не можам ништо да планирам. Не можам да ви кажам што ќе се случува по шест месеци.“

Сигнал до Путин

Освен на темата коронавирус, самитот на ЕУ дебатираше и за украинската криза предизвикана од трупањето руска војска на границата со Украина. Согласно на најавите, ЕУ самитот испрати сериозно предупредување кон Москва. „Од најголемо значење е границите во Европа да не се поместуваат“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.

Frankreich Paris | Normandie Treffen | Zelenskiy, Merkel , Macron und Putin
Последен пат заедно на преговарачка маса пред две години: Зеленски, Меркел, Макрон и ПутинФотографија: Alexei Nikolsky/TASS/picture alliance

ЕУ се закани со сериозни консеквенци  доколку рускиот претседател Путин се одлучи на агресија. Одлука за нови санцкии не е донесена, но тие се подготвуваат. Во даден случај, ЕУ ќе биде во состојба во рок од некоку часа да ја исклучи на пример  Русија од меѓународниот платежен систем „Сфивт" („Swift").

Во пакетот санкции, без оглед на барањето на многу држави, не е содржан руско-германскиот гасовод Северен тек 2. Шолц го остави прашањето отворено. 

„Превентивните" санкции, кои ги побара украинскиот претседател Владимир Зеленски, ЕУ ги исклучи. Унијата и натаму сака да прави обиди за водење дијалог со Кремљ. Шолц и Макрон се изјаснија за оживување на Нормандискиот формат, преговарачка рамка со вклучување на рускиот и на украинскиот претседател. Директните преговори Путин ги условува со безбедносни гаранции за Русија. НАТО повторно понуди разговори во рамките на Советот на НАТО и Русија.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија