1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-одлуката за Македонија е победа на стратешкиот разум

ЖА/ печат
28 јуни 2018

Формулацијата „тешки дискусии“, која ја употребуваа некои дипломати, е еуфемизам. Емоциите зовриваа, пишуваат весниците на германски јазик за ЕУ-дебатата за Македонија и Албанија во Луксембург.

https://p.dw.com/p/30SkK
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во коментарот под наслов „Победа на стратешкиот разум“ ја фали одлуката на ЕУ-Советот за правни работи во Луксембург, Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на пристапни преговори:

„Седницата имаше контроверзен и бурен тек, но на крајот сомничавите француски и холандски претставник попуштија и ЕУ-министрите решија Македонија и Албанија да започнат пристапни преговори со Брисел во 2019. година, ако постигнат напредок во борбата против корупцијата и во изградбата на правната држава. Ова е победа на стратешкиот разум и во меѓувреме редок момент во кој ЕУ настапува како веродостојна заедница. Патиштата на Албанија и на Македонија кон ЕУ не беа баш праволиниски, а постојано се случуваа и неуспеси. Но, гледано во целина, напредоците се вистински видливи. Два примера: Правна држава - Албанија врши проверка на сите свои судии во поглед на компромитирачки корупциски врски и потоа им издава потврда дека се 'чисти'. На таков начин се врши чистење на житото од каколот во судството. Добрососедство: Македонија покажа подготвеност да го промени името во Северна Македонија. Со болниот консензус на соседот треба да му се одземе стравот од аспирации на Македонија кон истоименета грчка провинција. Настрана од овие примери, се разбира, во овие земји има уште многу да се направи. Но, станува збор во крајна линија за почеток на долгогодишни преговори, а не за непосреден влез во ЕУ. Тоа француската аргументација ја прави неуверлива. Во својот пламен настап претседателот Макрон изјави дека ЕУ мора да се реформира пред да може да се проширува. Но, и на Балканот му е познато колку е неизвесна оваа обнова и колку неизвесен е идниот облик на ЕУ. Од аспект на Тирана и Скопје, стратегијата на Макрон всушност е тактика на купување време. Кочницата од Холандија има друга причина. Хаг мора одлуката да ја помине во парламентот, а владата со право стравува дека ќе доживее неуспех. Зашто, не само во Холандија, малку е популарно на маса да се канат сиромашни роднини. А Македонија и Албанија со сигурност ќе бидат нето-примачи од ЕУ-буџетот.

Повеќе: 

Михаел Рот: Отворивме јасна перспектива за пристапување во ЕУ

Вчера дел од проблемот- денес дел од решението

Решените спорови донесоа датум, незавршените реформи - услови!

Но, ако дозволи излизгување на овој регион, богатиот север тоа би го чинело многу поскапо отколку негово приврзување. Албанија и Македонија се стратешки важни, зашто се слаби држави со можност за меѓусебна дестабилизација. Една четвртина од жителите на Македонија се Албанци, а нивната лојалност кон државата е поврзана со предуслови: малцински права, рамноправен третман, културна автономија. Тоа се критериуми кои Македонија може да ги исполни само во процес на приближување кон ЕУ и со нејзина помош. Во обратен случај, големоалбанскиот национализам во никој случај не е мртов. Тој дури не спие ни премногу длабоко. Албанија не инсистира на обединување на сите Албанци благодарение на надежта дека сите тие некогаш ќе станат ЕУ-граѓани. Оваа перспектива не смее да биде одземена. Како геополитички актер, ЕУ денес е соочена со бројни предизвици во светот, а често е и пренапрегната. Каква срамота би било ако е неспособна да се погрижи за ред пред сопствената куќа“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Одлука која не смее да се нарече одлука

Весникот „Зиддојчецајтунг“ во текстот со наслов: „Само да не се нарече одлука“ се концентрира токму на францускиот и холандскиот отпор и исцрпувачката дебата во ЕУ-Советот за општи работи во Луксембург и конечниот исход: Албанија и Македонија да можат да почнат преговори во 2019. година. Што, како што пишува весникот во Брисел се формулира многу претпазливо. 

По долгочасовни преговори во ЕУ-Советот, се чинело дека работата е веќе загубена и дека последниот збор и во оваа спорна тема, датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија ќе мора да им биде препуштен на шефовите на држави или влади на ЕУ-самитот.

„Во тој момент збор повторно зеде револтираниот луксембуршки министер за надворешни работи, Жан Аселборн: 'Несфатливо е овде да не може да се постигне согласност и на тој начин да се дестабилизираат две влади.'

Франција, заедно со Холандија, реформите во двете западнобалкански земји ги оценија како недоволни. Франција и Холандија не ги омекна дури ни пробивот во навидум бескрајниот спор околу името меѓу Македонија и Грција. Министрите за надворешни работи и евроминистрите се наоѓаа пред изборот - да најдат сепак компромис или да го натоварат ЕУ-самитот со уште една спорна тема, покрај миграцијата и еврото. Формулацијата 'тешки дискусии', која ја употребуваа некои дипломати, е еуфемизам. Емоциите зовриваа. Мнозинството министри имаа малку разбирање што токму од Макрон проевропски декларираната Франција е на прагот на двете кандидатки од Балкан да им приреди тешко разочарување, со несогледливи последици за регионот и крајно и за Европа. А компромисен текст со бројни услови за фактички почеток на пристапните преговори во јуни 2019. година веќе беше на масата.

Тој ѝ одговараше и на германската влада, која инаку ќе мораше да стравува од непријатности во Бундестагот. На пример, од Албанија се бара да го унапреди скенирањето на судиите и обвинителите заради утврдување евентуална поврзаност со корупција, да формира специјални антикорупциски едници и да напредува во борбата против организираниот криминал.

Но, бидејќи Французите и Холанѓаните во секој случај не сакаа прелиминарна одлука, Аселборн предложи едноставно да се пречкрта зборот 'одлука'. 'Кога одам на железничка станица, не велам: јас решив да одам на железничка станица', рече тој. На тоа конечно и Французите и Холанѓаните веќе не противречеа.

Така, во заклучокот на Советот стои дека тој 'отвора пат за почеток на пристапни преговори во јуни 2019. година', што на шефовите на држави или влади веројатно им заштедува огорчена дискусија. Одлуката е 'добра за Европа и за Западен Балкан', истакна бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева: 'На овој начин покажуваме дека европската перспектива на Западен Балкан не е само празна флоскула', изјави таа. Сепак, сево ова е само почеток, останува уште многу да се направи. Фактички, се смета за сигурно дека за пристапните преговори со Македонија и со Албанија ќе бидат потребни многу години“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.